Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Повикувајќи се на информации од јавното обвинителство, „Фокус“ пренесува дека истрагата за случајот „Попис“ од неодамна е затворена. Тоа фактички значи дека нема да им се суди на поранешните коалициски партнери, осомничените Али Ахмети и Никола Груевски.
„За предметот „Попис“ по спроведената постапка и преземените процесни дејствија е донесена Наредба за запирање на истражна постапка“, изјавиле од Обвинителството за „Фокус“.
Како што неофицијално дознаваме, пресудно за ваквата обвинителска одлука било тоа што во текот на истрагата не се докажало дека е сторено кривично дело, односно сведоците се држеле до приказната дека пописот пропаднал поради сериозни пречки и несогласувања, а не поради личен договор на двајцата лидери.
Овој предмет го отвори згаснатото СЈО, а сомнежите беа дека двајцата тогашни лидери, искористувајќи ги своите овластувања како претседатели на политички партии во 2011 година, се договориле да го стопираат пописот на населението, а сѐ со цел да ги скријат неповолните факти за демографската структура на населението.
Во овој предмет, и двајцата некогашни коалициски партнери беа осомничени за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, од член 353 од Кривичниот законик, за што е предвидена затворска казна над пет години.
Повеќе детали за запирањето на истрагата, но и за останатите десетина истраги кои во периодот од 2017-2018 година ги отвори СЈО, прочитајте во најновиот број на неделникот „Фокус“.