Случај „Рекет“: Русковска и Јанева на одмор, се вештачат компјутери и мобилни телефони


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Не стивнува фамата и превирањата поврзани со моментално најактуелната афера која ја иницираше случајот „Рекет“.

Додека за Катица Јанева веќе се знае дека е на одмор во Грција, годишниот одмор почна да го користи и обвинителката Вилма Русковска. За првата се знае дека на одмор ќе биде до 15 август, според изјавите од СЈО.

Она што е официјално од истрагата е дека е во тек вештачењето на мобилните телефони и на компјутерите кои беа одземени.

Обвинителството претходно соопшти дека е завршено вештачењето на мобилниот телефон на обвинителката Јанева, но детали околу тоа дали вештачењето утврдило нешто што ја поврзува Јанева со „Рекет“ не се откриваат.

Во притвор за овој предмет се Боки 13 и Кичеец, а за сега истрагата не е проширена со нови лица.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повикаа на итно проширување на истрагата за „Рекет“, не само кон извршителите, како што наведуваат, туку и кон нарачателите и помагачите, кон СЈО, кон сите функционери во СДСМ и кон сите вклучени во тој случај, пренесува Слободна Европа.

„Сведоци сме на најголемиот рекет систем во независна Македонија. Секој ден се јавуваат жртвите на рекетарите на власта, систем кој опстојува две години и во кој се рекетирани милионски суми не може да постои и функционира без за него да знае врхушката на власта“, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Премиерот Зоран Заев апелираше за расчистување на случајот.

„Ова е време во кое правдата стапува на сцена, време во кое не смее да има штедење во борбата против криминалот и корупцијата. Никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран. Го охрабруваме Јавното обвинителство да продолжи, до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата“, рече Заев.

Пред некој ден се огласи и заменик-помошникот државен секретар на САД Метју Пламер кој порача дека поддржуваат целосна, детална и транспарентна истрага.

„Такви сериозни обвинувања бараат сериозен одговор. Ако постојат докази, тогаш соодветно обвинение ќе биде можност за властите и Северна Македонија да покажат почитување на владеење на правото, кое преставува фундаментална основа што ќе и` помогне на Северна Македонија да го продолжи европскиот пат. Ние ги поддржуваме и охрабруваме институциите на Севрна Македонија да ја завршат оваа истрага“, рече Палмер во интервју за Гласот на Америка.

ОЈО не откри детали и за тоа што е откриено во телефоните на Јанева по нивното вештачење.