Словенија воведува задолжителна вакцинација за сите државни службеници кои не прележале Ковид-19


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Словенечката влада одлучи да воведе задолжителна вакцинација против Ковид-19 за сите вработени во државната администрација во Словенија кои досега немаат имунитет на корона, стекнат со вакцинација или прележување. Негативниот тест за коронавирус веќе нема да им биде доволен за да дојдат на работа, како и за другите невакцинирани граѓани.

За да можат да работат, сите, ако досега не се вакцинирани или не ја прележале болеста, ќе треба да докажат дека ја примиле првата доза од вакцината до 1 октомври и втората до 1 ноември, освен ако не се одлучат за вакцината Џонсон&Џонсон, која обезбедува заштита по една доза.

Одлуката, со која сака да се даде пример и за остатокот од популацијата што е можно поскоро да се вакцинира, владата ја донесе доцна во четвртокот, а подетално ќе биде објаснета во петок на прес-конференција.

Заострувањето на анти-епидемиските мерки, според кои за работа, јавен превоз, одење во трговски центар, банка или пошта и голем број други активности е неопходно да се има ковид-потврда за вакцинација или негативен тест на сила е од средата, а кога во Љубљана се одржани демонстрации на противниците на владата против кои интервенираше и полицијата.

Според објавената анкета пренесена од медиумите, против таквото заострување на мерките се повеќе од 40 проценти од луѓето, а многу т.н. ПЦТ услови за вработени ги сметаат за дискриминаторски.

Министерот за здравство Јанез Поклукар го негира ова, па за Словенечката телевизија рече дека владата со својата одлука само им дава одреден „социјален бенефит“ на оние што се вакцинираат и така го штитат своето здравје и здравјето на другите.

Премиерот Јанез Јанша рече дека и покрај негодувањата и протестите, владата нема да отстапи од своите мерки против ширење на инфекцијата, а ограничувањата од самата најава силно го зголемиле интересот за вакцинација.

Владиниот портпарол за вакцинација Јелко Кацин рече дека од почетокот на овој месец, бројот на вакцинирани неделно е зголемен за два до три пати, така што до 35.000 луѓе би можеле да бидат вакцинирани оваа недела.