Скоро половина милион Македонци живеат во сиромаштија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Секој четврти жител на Македонија живее во сиромаштија, или попрецизно 445 илјади граѓани едвај го протуркуваат месецот бидејќи треба да преживеат со само стотина евра.

Проблематично е тоа што освен кај невработените или сезонските работници, сиромаштијата се продлабочува кај лицата кои се во редовен работен однос. Во категоријата семејства, највисок степен на сиромаштија има кај оние со три или повеќе деца. Надлежните се сомневаат дека бројот на сиромашни лица е многу поголем од оној кој го објавуваат и официјалните институции.

„Напуштањето на расходниот и мерењето само на приходниот пристап е проблем бидејќи и оние коишто заработуваат, најмногу, но и оние коишто заработуваат најмалку не секогаш реално ја пријавуваат висината на приходите. Затоа потребно комбинирање на овие два пристапи“, вели Маја Геровска Митева, универзитетски професор.

Воведувањето и зголемувањето на минималната плата ниту ја намали сиромаштијата ,ниту пак ќе ја искорени, велат експертите. Потребни се и други социјални мерки како поддршка во домувањето, право на олеснување на трошоците во образованието, олеснување во здравствените трошоци.

Овие мерки беа предложени до Министерството за труд и социјала. Но, невладиниот сектор смета дека лицата кои живеат во социјален ризик треба да го кренат гласот против неправдите.

„Се додека не ги окуражиме луѓето да застанат и во свое име гласно да зборуваат за проблемите со кои живеат се дотогаш ќе може некој што е погласен од нив да ги креира политиките. Најчесто оние кои се најнемоќни и најранливи не ја добиваат потребната помош“, додава Билјана Дуковска, од платформа против сиромаштија.

Од ресорното министерство признаваат дека проблемот со сиромаштијата е сериозен. Тие велат дека ќе ги разгледаат предлозите на невладините, но сметаат и дека висината на надоместоците кои државата ги дава на ранливите категории граѓани треба да се менува во согласност со растот на трошоците на живот и зголемувањето на платите.

„Ние се залагаме да ги увидиме сите грешки кои се направени врз основа на нивните права. Имавме податоци за тоа како едно лице искористувало по две права. Треба да ги подобруваме состојбите, но и да видиме дали треба покачување на средствата“, изјави заменик-министерот за труд и социјална политика, Елми Азири.

Последната објавена стапка на сиромашни луѓе во земјава од страна на Државниот завод за статистика изнесува 21,5 %. Инаку денешниот ден 17 октомври е прогласен за Меѓународен ден за борбата против сиромаштија. На неколку места низ главниот град се поставени штандови каде се дели храна на оние на кои им е најпотребно.