Скоро 60.000 евра дневно: Прилепски „Мермерен комбинат“ растура со профит


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


За само три месеци, прилепскиот „Мермерен комбинат“ достигна заработка од импресивни 320 милиони денари, што значи дека нивниот дневен профит изнесува 3,5 милиони денари, односно околу 60.000 евра.

За овие 90 дена компанијата направила речиси 60 отсто од профитот што го остварила за цела 2017 година. Очигледно дека тие што го водат „Мермерен“ знаат што прават.

Единствената македонска компанија што се занимава со ископ и доработка на мермер „Мермерен комбинат“ од Прилеп за првите три месеци има нето добивка од 4,55 милиони евра, покажуваат податоците од финансискиот извештај објавени деновиве. Бруто добивката е 65 отсто од приходите од продажба што ги оствари компанијата во првите три месеци годинава! Ова е резултат што може да се види ретко во која дејност.

Прилепската компанија во првите три месеци остварила приходи во износ од 535,4 милиони денари и тоа е за 70 отсто повеќе од истиот период лани кога приходот од продажба бил 314,6 милиони денари. Прилепскиот мермер пласиран на странски пазари на компанијата и донел 530,4 милиони денари. На македонскиот пазар компанијата продала мермер за занемарливи 5 милиони денари. Трошоците за производство се 188,2 милиони денари и во споредба со лани се повисоки за 17 отсто односно за 28 милиони денари. Од сите трошоци најголема ставка се трошоците за вработените кои достигнале 60 милиони денари и во однос на лани пораснале за 14 отсто. Трошоците за суровини и материјали биле 52 милиони денари и во однос на лани пораснале за 21 отсто.

Оперативната добивка на компанијата е 320,4 милиони денари и во споредба со истиот период лани е три пати поголема.

Што претходеше на продажбата на „Мермерен“?

„Мермерен“ беше продаден на грчки инвеститори пред повеќе од 17 години. На продажбата и претходеше спектакуларна полициска акција што ја предводеше Љубе Бошковски актуелен политичар коалициски партнер на актуелната власт кој одлежа затворска казна за поткуп. Во време пред продажбата на „Мермерен“ Бошковски во својство на висок оперативец на МВР изврши претрес во „Мермерен комбинат“ при што беше однесен на распит и тогашниот директор на компанијата Никола Стојков, по што му беше изречена и мерка домашен притвор. Неколку месеци по спектаклот за кој немаше судска разрешница „Мермерен комбинат“ беше продаден на грчки сопственици. А потоа Бошковски стана и министер за внатрешни работи во владата на ВМРО-ДПМНЕ која владееше од 1998 година до 2002 година.

Извор: Фактор