Скоро 40.000 денари месечно му се потребни на едно македонско семејство за секојдневни основни потреби


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Скоро 40.000 денари месечно му се потребни на едно четиричлено семејство за да ги набави основните производи и да плати сметки.

Најновата пресметка на ССМ покажува дека вредноста на потрошувачката минимална кошничка за една година е поскапа за 5.500 денари. Извештајот на синдикалците покажува дека порастот на трошоците се должи пред сè на зголемените цени на храната. Од јуни лани до истиот месец годинава сметката за набавка на најнеопходните прехранбени производи е зголемена за над 3.000 денари. За 1.000 денари во просек се зголемени трошоците за подмирување на комуналните сметки во домот, пренесува Алсат.

Синдикална минимална потрошувачка кошничка:

ЈУНИ 2022 39.710 ДЕНАРИ ЈУНИ 2021 34.211 ДЕНАРИ
ХРАНА 17.613 ДЕНАРИ 14.547 ДЕНАРИ
ДОМУВАЊЕ 11.800 ДЕНАРИ 10.800 ДЕНАРИ

Граѓаните кои ги анкетиравме се загрижени за својата егзистенција.

„Дали е зејтин, дали е леб, дали е шеќер, дали е брашно, страшно е страшно…“

„Од ден на ден цените скокаат, а народот трпи…“

„Премногу е скапо, за ништо не стасува. Платите мали“, велат граѓаните.

Потврда за намалената куповна моќ вчера даде и Државниот завод за статистика кој измери рекордна инфлација од 14,5 проценти за претходниот месец споредено истиот месец лани. Во извештајот на статистичарите може да се види дека за повеќе од 50 проценти поскапело маслото за јадење, а лебот за 30 проценти. Млекото, јајцата и сирењето во рок од една година се продаваат за цени повисоки за речиси 20 проценти.

Од Народната банка соопштија дека очекуваат стабилизација на цените на храната кон крајот на годинава. Но, експертите и јавноста се сè поскептични бидејќи од месец во месец инфлацијата расте со забрзано темпо.