Скопските бездомни лица ќе бидат згрижени во прифатни центри за време на поларниот студ


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Бездомниците од Скопје привремено ќе бидат згрижени во пунктот за бездомници на Црвниот крст на Град Скопје во Момин Поток, а останатите лица и семејствата со деца до три години, кои се во социјален ризик, ќе бидат сместени во Чичино Село и во установите за згрижување Ранка Милановиќ и 25 Мај.

Во соработка со Министерството за образование и наука за привремено сместување на бездомни лица ќе бидат отворени и средношколските интернати во останатите градови во земјава. И телефонскиот број 195 ќе биде во функција 24 часа, на кој ќе можат да побараат помош сите што се во социјален ризик и што ќе треба да бидат привремено згрижени.

На овој број може да се јавуваат и граѓани да пријават случај, односно лице на кое ќе му биде потребна помош од службите и институциите, изјави министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими.

Во пресрет на студениот бран, кој се очекува да ја зафати Македонија во текот на викендот, Министерството за труд и социјална политика, во соработка со центрите за социјална работа и Црвениот крст, презема низа превентивни мерки за заштита на бездомниците и семејствата кои се во социјален ризик со цел да им се обезбеди сместување, топла облека, храна и топли напивки.

Според Сузана Пауновска од Црвениот крст на Град Скопје, поголема потреба од помош имаат бездомните лица во Скопје, чиј број е и најголем, 148, за разлика од помалите рурални средини, каде што има помал број на бездомници. Во меѓувреме, односно денес и утре, тимови од Министерството за труд и социјална политика, Црвениот крст, локалните самоуправи и месните заедници, ќе направат дополнителни идентификувања на лицата во ризик се со цел да се дејствува навреме, односно на сите да им биде овозможена помош за време на студениот бран.

Во согласност со стандардните оперативни процедури на Црвениот крст на Република Македонија за одговор и однесување при природни непогоди, тимот на Црвениот крст на РМ веќе е мобилен. Ова подразбира дека во пунктот за бездомници во Момин Поток од 30 декември веќе патролираат четири тима по 24 часа на ден, а тие се составени од стручни лица обучени да дејствуваат во природни непогоди. Располагаме со доволно количество храна, топла облека, ќебиња, средства за хигиена и лекови, и сето тоа е веќе дистрибуирано до локалните организации на Црвениот крст во регионите каде што очекуваме ниски температури. Во текот на овој период, односно на дневна основа прифаќаме осум до 10 лица, но очекуваме овој број да биде многу повисок наредните денови кога се прогнозира дека температурите ќе бидат околу минус 20 степени Целзиусови, изјави Пауновска.

Во согласност со препораките од Центарот за управување со кризи и во согласност со Акцискиот план, Министерството за здравство апелира до сите граѓани во овој период, а посебно во периодот од петок до недела, да не излегуваат од дома доколку немаат итна потреба. Граѓаните, односно хроничните болни, кои имаат потреба од терапија, но и сите оние што имаат потреба од каква било помош, како што советува Министерството за здравство, може да се јават на дежурниот телефонски број 195 или на телефонскиот број на Црвениот крст 3139-578.