Скопски средношколец оставил проштано писмо и си го одзел животот со скокање од катна гаража


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Ученик во скопската гимназија СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ извршил самоубиство скокајќи од катна гаража во Скопје. Имал само 17 години, а на деветтиот кат, од каде што решил да скокне и да си го одземе животот, го оставил свидетелството со оценките за завршена втора година и проштално писмо.

Телото на момчето вечерта на 31 август околу 21 часот било најдено од случаен минувач, кој веднаш пријавил во полиција. Од МВР нема потврда за овој настан бидејќи Министерството за внатрешни работи во полициските билтени не дава информации за самоубиства. На местото на трагедија имало и јавен обвинител, а телото на момчето било дадено на обдукција, изјавиле од ОЈО Скопје, пренесува Мкд.мк.

„На местото на увид излезе јавен обвинител по чија наредба телото било предадено на обдукција. Издадена е наредба за графолошко вештачење на прошталното писмо, а ќе се вршат разговори и со блиските на починатото момче“, велат од ОЈО за МКД.мк.

Прошталното писмо ќе се вештачи за да се утврди дали ракописот со кој е напишано е на момчето. Што пишува во него и кој бил мотивот за толку млад човек да одлучи да му стави крај на својот живот, не е познато.

Во катната гаража камери имало само на долниот кат, каде што, според видеонадзорот, се гледа дека момчето влегува само.

За булингот во последно време се зборува сѐ почесто, за малтретирањето и навредувањето од соучениците, исмевањето без престан, како и набивањето комплекси и мотивација за одземање на животот.