Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Проектот за изградба на комплексот висококатници кај моменталниот отворен паркинг спроти Холидеј Ин, во ценарот на Скопје, предизвика две различни струи на мислења кои иницираа различни петиции.
Жителите од Ново Маало викендов собираа потписи за петиција „за изградба на проектот“, со која ќе побараат од Општина Центар и Владата да овозможат непречено градење на комплексот, пренесува Слободен печат.
-За само еден ден успеавме да собереме 250 потписи од сопственици на имот и со оваа петиција, даваме целосна поддршка на инвеститорот, а преку истата, и најостро ги осудуваме најавите и барањата на поединци, организации и институции за стопирање на проектот. Крајно сме револтирани од предлозите за суспензија на планот и притисокот за ова кој го прават луѓе кои живеат во удобни домови, наспроти жителите на Ново Маало кои со децении живеат во услови кои ни одблиску не наликуваат на хумано домување, велат од жителите од ова скопско маало.
Од друга страна, граѓански организации, универзитетски професори и архитекти упатија повик да се заштити јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина како врвно начело на управување со државата и дека обврска на Владата е да интервенира кога е тој загрозен.
„Овој ДУП мора да ја напушти максималната изградба како основен приоритет и мора да биде и квалитативно подобар нудејќи повисоки вредности. Планот мора да води сметка за јавниот интерес, а со тоа и на заштита на животот и здравјето на граѓаните, психичкото здравје, социјализација, наместо осаменост. Со зелен простор ќе се помогне во справувањето со последиците од загадувањето, бучавата, топлотните острови и неотпорноста кон климатските промени кои со изградбата на „Скопје 2014“ се случија во центарот на градот. Иако и Градот и државата имаат стратегии и документи со кои овие прашања се третираат, нивното неспроведување ги остава граѓаните да живеат во небезбедна и нездрава средина“, пишува во повикот.
Меѓу потписниците на оваа петиција се и режисерот Милчо Манчевски, професорот и архитект Мишко Ралев, „Македонска АРХитектура“ (МАРХ), Оливер Белопета, Скопски џез фестивал, На точак“ – група граѓани за подобро велосипедско Скопје.
Локалната власт се уште не одлучила што понатаму со ДУП за просторот кај “Холидеј ин“, а инвеститорот МГ Фешн веќе ги уплати парите за комуналии за изградба на првата кула. Поднесено е и барање на дозвола за градба, но дозволата не е се уште издадена, а деновиве во јавноста беше презентиран и проектот за изградба на парцелата 1.1 која го опфаќа паркингот и просторот каде се наоѓаше „Дрводекор“, без куќите од Ново Маало.
Проектот предвидува изградба на три згради на парцелата 1.1, две станбени од по 20 и 22 ката и една деловна од 16 ката, во кои ќе има 400 станови во кои се очекува да живеат околу 1.200 жители. Предвидени се и 1.000 паркинг места и зелена површина од 6.520 метри квадратни. Што ќе се гради на парцелите 1.2 и 1.3 на кои сега се наоѓаат куќите од Ново Маало засега е непознато.
Новомаалци најавија протест доколку не се испочитува нивната потреба, на овој начин да добијат пристојни услови за живот. Најавија и тужба до надлежните органи за претрпена штета од 1930 до 2021 година, но и до Судот за човекови права во Стразбур.