Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Притворот кој Бојан Јовановски го издржува во притворското одделение во Шутка, по налог на Апелацискиот суд во Скопје, е укинат и му е определена поблагата мерка – куќен притвор.
Од Основниот кривичен суд попладнево информираа дека денеска го добиле решението од Апелација со кое му ја уважиле жалбата на Јовановски и одлучиле да го пуштат во куќен притвор, пренесува 360 Степени.
Боки во моментов, според информациите од неговиот адвокат Сашко Дукоски, е хоспитализиран во болница, а во текот на денот ќе биде отпуштен и однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари за да го прими решението за куќен притвор, од каде што со придружба ќе биде однесен дома.
Боки на 8 септември, по воспаление на желудникот, беше однесен на итна операција во болницата „Св.Наум Охридски“ во Скопје, старата Градска болница. Иако од болницата беше отпуштен, неговата здравствена состојба се влоши, по што повторно беше хоспитализиран.
Дукоски вели дека по операцијата добиле три отпусни писма во кои пишува дека мора да биде ставен под строг диететско-хигиенски режим бидејќи во спротивно следната операција на Јовановски би можела да значи и отстранување на желудникот.
Лекарските наводи биле изнесени и на седницата во Апелација што се одржа на 16 октомври на која се разгледувала жалбата со која Боки и неговиот адвокат бараа укинување на притворот.
Оваа мерка на Јовановски му е определена во случајот „Рекет“ каде што тој со првостепена пресуда е осуден на девет години затвор за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари. Оваа пресуда сè уште не е правосилна.
Боки е обвинет и во предметот „Меѓународен сојуз“ каде што се товари за делата измама и перење пари.
Во притвор тој се наоѓа од 15 јули 2019, кога беше уапсен на граничниот премин „Богородица“ со Грција, односно дента кога Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја отвори истрагата за „Рекет“. Оттогаш тој повеќепати бараше укинување на притворот.