Скопјани кои користат градски превоз денес се шверцаат и во ЈСП и кај приватниците


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Неперсонализирани картички од 150 денари за јавниот превоз во Скопје денес нема ниту во голем дел од билетарите. Пред една недела почна да ги снемува во автобусите. Оваа картичка е единствената која може да се купи кај возачот по целосното воведување на електронскиот систем за наплата во јавниот превоз со кој истите билети важат и кај приватниците и во ЈСП.

На билетара во Ново Лисиче немаше неперсонализирана картичка, ми советуваа да се качам во автобус и од возачот да си купам, но и возашот немаше па се шверцував до Центар. Кога се симнав, се обидов повторно да купам картичка, овојпат на билетарата кај Цветен пазар. И таму ми рекоа дека немаат картички, им се потрошиле, вели патничка во ЈСП.

И патници во приватни автобуси се пожалија дека немало каде да си купат картичка па од Ѓорче до Центар се возеле без билет. Ленин Јовановски, директор на Слобода превоз вели дека во некои автобуси и билетари нема картички поради тоа што системот не може да постигне да иницира толку билети колку што има побарувачка.

Ова е непредвидена состојба. Откако почна примената на единстевниот систем на наплата на патниците им е полесно да си купат нова неперсонализирана картичка во автобус отколку да ја надополнуваат старата за што треба да одат во билетара. Затоа интересот за овие картички е огромен. Тие се промотивни, со впишани пет возења за цена од 150 денари и системот не може да постигне да иницира доволно за да нема застој во снабдувањето. Оние кои не можат да купат од оваа картичка, на билетарите можат да си купат од истата картичка но со две возења, оваа со пет возења е само промотивна и ќе се продава до крајот на месецов. По истекот на овој рок, ќе се продава истата картичка, но само со две возења, вели Јовановски.

За промотивниот период биле подготвени 100.000 картички но тие се потрошиле за само неколку дена. За споредба, во периодот пред целосно да се воведе електронскиот систем за наплата, кога електронски картички имаше само во автобусите на ЈСП за четири месеци биле продадени 36.000 картички.

Билетите ги продава ЈСП, а парите што ги собира ги предава во Град Скопје кој пак на приватниците ќе им исплаќа пари во зависност од тоа колку километри изминале.