Склучувањата на бракови одложени заради епидемијата на коронавирусот


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Согласно прпораките од надлежните и институциите за намалување и обид за спречување на ширењето на коронавирусот, граѓаните, особено помладата популација во Македонија, избегнуваат формално склучување на бракови во институциите одложувајќи ги овие процедури за догледна иднина, кога ќе има услови за тоа.

Иако подрачните одделенија на Управата за водење на матичните книги работат непречено, коронавирусот е причина речиси воопшто да нема или да се откажуваат процедурите за склучување бракови, говори искуството на вработените во тетовското подрачно одделение. Граѓаните и посебно младите согласно препораките за намалување на ширењето на коронавирусот ја избегнуваат оваа животна определба и се решаваат процедурата да ја направат во иднина.

Во тетовското подрачно одделение велат дека вработените одат на работа и од тој аспект нема пречки за потпишување во матичната книга на венчаните. Единствена рестрикција има за присуство на луѓе при одвивање на церемонијата. Дозволено е да има само пет лица внатре за да има доволно оддалеченост и да бидат присутни само двајцата кои склопуваат брак, двајца сведоци и матичарот.

– Одделението работи без проблем. Согласно препораките и мерките на Владата, намален е капацитетот на вработените. Од друга страна, намален е интересот сега да се склучуваат браковите. Надвор од нашите службени простории воопшто нема склучување бракови бидејќи, нели, не работат угостителските објекти, а нема венчавки ни во верските објекти, во црквите, како што било практика досега. Има и откажувања на пријавите. Лично сметам дека бракот сега дојде време да се смета како луксуз поради атмосферата, така што сите сега ја одложуваат оваа работа, вели Нагип Назмиу, раководител на тетовското одделение на Управата за водење на матичните книги.

Отец Марјанчо Мадевски од тетовската епархија објаснува дека кај православните верници додека трае велигденскиот пост (од 2 март до 19 април) согласно правилата на Македонската православна црква не се прават венчавки. Сепак, има барања од младоженците за одложувања и во периодот што следува.

– Венчавки закажани пример за во мај се одложуваат. Младите се одлучуваат на тоа поради состојбата со коронавирусот, а воедно бидејќи не се знае дали ќе работат рестораните во тој период. Имаме примери кои презакажуваат од мај за неколку месеци понатаму, во август и септември, објаснува отец Марјанчо Мадевски.

И угостителските објекти кои не смеаат да работат сега, се договораат со заинтересираните свадбени прослави да се прават во понатамошните периоди на годината.

– Нема откажувања, туку презакажувања, со тоа што се договораме и презакажаниот термин повторно да се разгледа со оглед на тоа како ќе се одвива ситуацијата и мерките околу коронавирусот, објаснува Жарко Неделковски, сопственик на угостителски објект за свадби.

Статистичките показатели во Управата секоја година укажуваат на опаѓање на бројката на склучени бракови и сега ја потврдуваат состојбата со негативниот тренд.

На целокупното тетовско подрачје заедно со руралните одделенија во февруари лани се склучени 142 брака, додека во февруари 2020 има 108 брака. Во март 2019 имало 131 брак, додека во март 2020 само 82 брака.

Во текот на 2019 во Тетовско вкупно имало склучено 1 224 брака. На годишно ниво за целата држава има 11 059 склучени бракови. Управата за водење на матичните книги има 178 месни канцеларии низ целата држава каде што може да се стави потпис за склучен брак.