Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Си било едно новинарче кое си имало порталче. Еден ден му било досадно и решило малку да се поигра со читателите. Земало и напишало вест: „Скандал! Скандал! Нема да ви се верува, нема да ви се верува!“. Читателите го прочитале овој наслов и побрзале да кликаат на веста. Кога ја отвориле веста, почнале да се прашуваат, каде е скандалот? Новинарчето седело на страна, броело кликчиња и задоволно си се кикотело на читателите, ха ха ха, како ги наместив.
Неколку дена подоцна новинарчето пак решило да се поигра со читателите. Напишало статија и наслов „Скандал, скандал! Неверојатно, нема да ви се верува“. Читателите пак загрижено побрзале да кликаат на веста, кај е скандалот, кај е скандалот, но пак ништо, да ти немало нигде скандал. Налутени, читателите си се вратиле на своите обврски и други работи, мрморејќи колку е новинарчето нечесно измамниче.
И така еден убав сончев ден новинарчето пронашло информација за некој голем скандал! И напишало вест со наслов „(Фото и видео) Скандал, скандал! Голем Скандал! Навистина нема да ви се верува!“. Но, овој пат читателите поучени од претходните вести на новинарчето со порталчето, не кликале на веста. Никого не го интересирало што новинарчето објавило. И згора на тоа, бизнисменчето на кого се однесувал скандалот го тужело новинарчето, а судијката која го познала новинарчето кое многу лажело, му одредила глоба да си плати! И така новинарчето си останало само и си поплакало над својата судбина и измами.
НАРАВОУЧЕНИЕ: На оној кој често лаже, никој не му верува ни вистина кога ќе каже.
Пишува: Сеад Џигал