СЈО го повлече барањето за замрзнување на палатата од ВМРО-ДПМНЕ


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Специјалното јавно обвинителство го повлече барањето за замрзнување на импозантното партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.

Со поднесок до Врховниот суд, СЈО го повлекло барањето за заштита на законитоста со кое бараа од Врховниот суд да утврди дека решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје I Скопје, со кое беше одбиено барањето на СЈО за обезбедување на дел од имотот на политичката партија, било незаконито.

Одлуката на Врховниот суд со која се отфрла ова барање е објавена на сајтот на судот. Истата е донесена два дена откако СЈО го испратило своето откажување од палатата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Барањето за заштита на законитоста се отфрла. Според член 460 став 1 од Законот за кривичната постапка, ако јавниот обвинител го повлече барањето за заштита на законитоста, судот со решение ќе го отфрли барањето“, стои во одлуката на Врховен, донесена на 14.12.2017.

Барањето за замрзнување на имотот на ВМРО ДПМНЕ беше дел од истрагата за случајот Талир што се однесува на сомнение за перење пари и незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Според СЈО, првоосомничениот, Никола Груевски, ја злоупотребил својата службена положба со тоа што прифатил незаконски пари и формирал група, која се занимава со перење на пари, кои потоа ги уплаќале на сметка на партијата.