Музика

Сите лица на Филч – музичкиот „фантомски“ алхемичар

Кроен како одраз и критички израз на теркот на македонската модерна културно-уметничка, социјална и општествена опстојба и настројба, истовремено и експресија на двеиполдецениските наталожени искуства, импресии, разочарувања, индивидуални духовни подеми и падови, музичкиот „фантом“ и фраер Филч една и кусур година ака по клупските музички сокаци, без конечно одредиште и бесконечна мотивација и инспирација.

Новото кое се чека од „Филч“

И токму сега, кога веќе со нетрпение сме во исчекување на музичките раскази од неговата втора авантура, некако неизнудено, прилично логично, со одлежани емоции и преживеани симбиотични музички нарации од првата авантура, се „наметна“ (чисто во позитивен контекст) субјективниот порив од личен агол да се проглаголи за првото музичко издание на оваа импресивно прогресивна „банда“.

Со првото издание на бендот „Филч“, насловено според името на групата, петмината десперадоси од блузерската и џезерска клупска (каква-таква) сцена на овие (горе-долу) наши 25.713 квадратни километри, успеаја да ни ги претстават сите музички лица на рогатиот „фантом“ кој со својата „дезориентираност и репулсивност“, но и естетска бескомпромисност, од позиција на небитност, а сепак, со изразено културолошко влијание, демне од мистичните сенки на мрачните урбани сокаци.

Кога ќе ги искомбинирате летаргичната етно меланхолија, ритмичката разузданост на џезот, длабочината на блузерските рифови и соло делници, игривата свежина на фанкот, и сето тоа ќе се обидете сликовито да го оживеете и визуелно да си го претставите – Стојоски, Динев, Андријевски, Бошков и Сапламаев се потрудија да го добие форматот на „музичкиот трикстер“ Филч, од глава до сенка.

Токму таа жанровска недофатливост на инструменталната експресија која е пренесена преку „Филч“, тера на еден порив за одново наврќање на овие 11 индивидуални патешествија кои срочени во ваков обединувачки формат, прават една главна урбана музичка улица од и до која водат безброј скришни, мистериозни, егзотични, предизвикувачки улички од чии ќошиња демнат сите лица или графитни олицетворенија од „рогатиот урбан десперадо“.

Кога доволен број пати ќе го преслушате првенецот на „Филч“ (намерно не велам ислушате, оти ми делува некако конечно, после кое се става своевиден крај – ислушуваш и толку), тогаш секој во својот град, низ својата локална урбана „јазбина“ и нејзините полумрачни појави, ќе ги наѕира и насетува трагите од Филч. Ќе посегнува по неговата од некој куќен агол прекршена сенка, ќе се стрчува да му ја дофати опстојбата, заведен од неговата настројба. И сето тоа ќе се претвори во една бесконечна брканица по музичките лавиринти кои ги распостила на градскиот асфалт овој по многу параметри импресивен музички албум. Брканица која истовремено нуди авантура, но и себеспознавање, карактерно избистрување и дефинирање во сеопфатната урбана калакурница.

Текст: Александар Еленин

Advertisements
To Top