Синот на пратеникот Џеват Адеми ранет на свадба во Мала Речица


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Традиционалното пукање на свадби во делови од Западна Македонија продолжува, а цехот за ваквите прослави овојпат го плати синот на пратеникот од ДУИ Џеват Адеми.

Како што пишуваат порталите на албански јазик, синот на пратеникот од ДУИ Џеват Адеми е еден од двајцата ранети при пукање од огнено оружје на свадба во Мала Речица, додека другиот ранет е роднина на пратеникот.

Првично, се појави информација дека пукал токму пратеникот Џеват Адеми, но за порталот Лајм, од семејството Адеми ја потврдија веста дека синот на пратеникот е ранет од огнено оружје, но демантираа дека Адеми пукал при повредувањето.

-Станува збор за заталкан куршум од свадбена веселба – велат од семејството на Адеми и додаваат дека двете повредени лица се во добра и стабилна состојба.

Од полицијата велат дека инцидентот се случил на свадбена свеченост организирана во дворот од куќата на 47-годишниот Б.Д, на улица „172“ во тетовска Мала Речица.

-Од испукани куршуми од огнено оружје повреди задобиле 27-годишниот А.Б. од Мала Речица и 26-годишниот Ф.А. од Голема Речица. Двајцата се пренесени во тетовската клиничка болница за укажување на лекарска помош, велат од МВР.

Јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово извршиле увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.