Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
CNN минатата недела објави потресна приказна за жртвите на трговијата со луѓе во Камбоџа, каде мајките си ги продаваат малите девојчиња за секс.
Сефак имала само 13 години кога нејзината мајка ја продала како сексуална робинка. Одведена е во болница, каде добила потврда дека е невина, а потоа во хотелска соба во која со денови била силувана. Три ноќи подоцна е вратена во својот дом.
Жртвата пораснала во сиромашното рибарско село Свај Пак, во околината на главниот град Пном Пен. Оваа заедница станала озлогласена како место каде буквално можат да се купат деца за сексуални услуги.
Мајката од Сефак, Ан, изјавила дека семејството „го снашле тешки времиња“ кога западнале во долг од 6.000 долари. Поради заканите од лихварите, Ан ја прифатила понудата од некоја жена која ветувала многу пари за невиноста на нејзината ќерка. Добиле 800 долари, а после враќањето од хотелот, мајката ја терала Сефак да се вработи во бордел. Ан подоцна изјавила дека жали за својата одлука, како и дека никогаш не би ја продала својата ќерка за пари да го знаела тогаш тоа што го знае сега.
CNN прв пат разговараше со Сефак во 2013 година, во рамки на снимањето на документарниот филм за трговијата со луѓе во Камбоџа. Организацијата Agape International Missions (AIM) ја спаси Сефак од сексуалното ропство, а сега работи со останатите жртви во фабрика во нивна сопственост.
„Денес се чувствувам многу постабилно отколку во минатото. Не премногу стабилно, но доволно. Сега имам и чесна работа. Навистина сакам и другите да имаат ваква работа каква што имам јас“, изјавува Сефак.
„Ова е сиромашна држава, некои семејства немаат друг избор“
Бившиот американски свештеник Дон Брустер ја основаше AIM во 2005 година, со цел да се бори против продажбата на деца за сексуални услуги. Тврди дека организацијата досега спасила повеќе од 700 жртви. Најмногу дејствувале во Свај Пак, каде сиромаштијата е толку голема што многу семејства преживуваат со помалку од еден долар на ден.
Свај Пак во еден момент беше епицентар на продажбата на деца за секс. Ако се родите како девојче на тоа место, 100% сигурно ќе станете жртва. Сега тоа е значително намалено на 50%“, изјавува Брустер. Меѓутоа, тој предупредува дека сега децата се продаваат во хотелите, каде е потешко да се открие и спречи овој злостор.
Ерик Мелдрам од AIM изјави: „Ова е сиромашна држава и луѓето сè уште бараат начини да дојдат до пари, им недостига образование, немаат доволно работни места, а сексуалната индустрија за жал е еден од начините на кои луѓето заработуваат пари за семејството. Понекогаш немаат друг избор“.
„Тешко е да се разбере зошто мајките го прават тоа. Немаат пари, па ќерките ги присилуваат на работа. Дури и денес гледам многу мајки кои не размислуваат за чувствата на своите ќерки. Не разбираат дека и тие имаат срца и страдаат“, вели Сефак.