Што знаеме за делта-варијантата на коронавирусот?


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Светската здравствена организација во мај го прогласи делта-сојот за „загрижувачка варијанта“. Таа ознака се користи кога има силен доказ дека е попренослив, предизвикува потешка болест или ја намалува ефикасноста на вакцините или на лековите.

Истражувањата сугерираат дека делтата, официјално позната како Б.1.617.2, е најзаразна од сите познати варијанти до сега, вклучувајќи ја и мошне преносливата алфа-варијанта, која за прв пат беше откриена во Британија. Јавноздравствените власти во Велика Британија, каде што делта-сојот сочинува повеќе од 95 проценти од новите случаи на ковид-19, рекоа дека овој сој може да биде 40 до 60 проценти попренослив од алфа-сојот, иако студиите сѐ уште се во тек.

Еден од начините на кои епидемиолозите ја утврдуваат преносливоста на новата варијанта е да се испита она што е познато како стапка на секундарен напад. Ова вклучува следење на блиските контакти на луѓето што биле заразени со различни верзии на вирусот за да се види колку други луѓе се тестирале позитивно.

„Да речеме дека имате 10 лица со 20 блиски контакти“, вели д-р Дејвид Дауди, вонреден професор по епидемиологија на Блумберг школата за јавно здравје на Џонс Хопкинс. „Кај една варијанта, можеби гледате како се заразуваат пет од тие блиски контакти. Ако втората варијанта е 50% попренослива, тој број ќе биде поголем за 50%. Значи, во овој случај, вие би очекувале 7,5 од тие контакти да бидат заразени, откако ќе го пресметате статусот на вакцинација и дали имале претходна зараза“.

Што е варијантата „делта плус“?

Не е невообичаено вирусот да мутира и да се развива додека се шири, а научниците долго време предупредуваа дека може да се појават други загрижувачки варијанти со нови жаришта.

Во Индија истражувачите набљудувале мутации одвоени од делтата во подвидот на вирусот што го нарекле „делта плус“. Иако сè уште не е назначен за загрижувачка варијанта од СЗО, случаи со делта плус се пријавени во 11 земји. Сепак, сè уште не е јасно дали делта плус носи дополнителни ризици или е поврзана со зголемена преносливост.

Дали делта-сојот предизвикува потешка болест или симптоми?

Потребно е повеќе истражување, но постојат знаци дека делта-варијантата може да предизвика потешка болест. Една студија објавена на 14 јуни во списанието Лансет го испита влијанието на делтата-варијанта во Шкотска, каде што стана доминантен вид. Истражувачите откриле дека ризикот од хоспитализација од ковид-19 е двојно зголемен за пациентите заразени со делта, во споредба со луѓето заразени со алфа-варијантата.

„Ако ги споредиме оригиналниот сој, британската (алфа) варијанта и сега делтата, ќе забележиме дека има разлика во преносливоста, како и во потенцијалот за поопасни исходи“, рече д-р Алехандро Перез -Трепичио, лекар по интерна медицина со седиште во Неапол, Флорида.

Британските истражувачи објавија промена на симптомите што може да бидат поврзани со делта-сојот. Податоците од апликацијата што повеќе од 4 милиони луѓе во Велика Британија ја презеле за да пријават симптоми, статус на вакцинација и други демографски информации дневно, откриле дека најчестите симптоми на ковид-19 сега се главоболка, болки во грлото, растечен нос и покачена температура – слично на она низ што луѓето може да поминат со лоша настинка.

Некои лекари во САД наидоа на слична промена. Отежнато дишење, кашлица и други проблеми со белите дробови остануваат најчестите симптоми на ковид-19, кој првпат беше откриен во Вухан, Кина, но некои лекари забележаа повеќе поплаки на горниот респираторен систем, како што се течење на носот и главоболки.

Сè уште не е јасно зошто сѐ повеќе се пријавуваат симптоми слични на настинка или дали тоа има врска со делта-варијантата. Последиците од таквата промена – доколку постои – исто така сè уште не се познати.

Дали вакцините се ефикасни против оваа варијанта?

Вакцините што се користат се чини дека даваат добра заштита од делта-сојот, а повеќето научници се согласуваат дека целосно вакцинираните лица веројатно се соочуваат со мал ризик.

Модерна во вторникот објави дека нејзината вакцина е ефикасна против делта-сојот. Резултатите се засноваа на примероци од крв од целосно вакцинирани лица и покажаа дека овие лица произвеле заштитни антитела против неколку од циркулирачките варијанти, вклучувајќи ја и делтата.

Иако не се објавени детални резултати за сите достапни вакцини, слични надежни резултати се пронајдени и кај вакцините на Фајзер-Бионтек и Астразенека. Анализата објавена на 14 јуни од страна на Јавното здравство Англија покажа дека две дози на вакцината Фајзер-Бионтек се 96 проценти ефикасни против хоспитализација од делта-сојот, а две дози од вакцината на Астразенека се ефикасни 92 проценти. Од Спутник V се очекува слична заштита како и од Астразенека.

Претходната анализа на агенцијата откри дека единечна доза на вакцина е помалку ефикасна против симптоматско заболување предизвикано од делта-сојот, во споредба со алфа-варијантата, истакнувајќи ја важноста на добивањето на двете дози кај дводозните вакцини.

И со случаите кога се заразила целосно вакцинирана личност, случаите биле благи.

Во Израел, каде што скоро 60 проценти од населението е целосно вакцинирано, неодамнешниот скок во случаите на ковид-19 поврзани со делта-сојот – вклучително и инфекции кај вакцинирани лица – исто така не предизвика зголемување на хоспитализациите.

„Важната порака е дека вакцините функционираат, две дози функционираат подобро од една и колку повеќе луѓе вакцинираат, толку подобро“, рече Дауди.

Иако веројатно нема многу причини за загриженост кај луѓето што се целосно вакцинирани, јавноздравствените власти се загрижени дека ќе се јават жаришта во местата со ниски стапки на вакцинација.

Општ заклучок: сè уште не сме го „победиле ковид“

Опфатот на вакцинацијата во нашите краишта полека се приближува до бројката од 40%, вели д-р Милош Бабиќ, српски молекуларен биолог и невробиолог, за Наука у Србији. Ова ни одблизу не е доволното ниво на имунитет што е потребно за да се запре еден вирус со заразноста што ја има делта-сојот. За запирање и соодветна контрола на епидемијата за нешто толку заразно е потребна имунизација на над 90% од популацијата. Таа бројка се чини недостижна, особено во контекст на хорор-приказните за вакцините од социјалните мрежи. Неверојатно е да се гледа како луѓето слепо веруваат во тие приказни без ни да се обидат да ги потврдат, вели д-р Бабиќ. Секој случај на некој што ќе умре или ќе се разболи по примањето вакцина се пренесува и се претставува како доказ за светските заговори – иако истата ненадејна смрт и болест може да ги најдете кај невакцинираната популација, низ целата историја.

Во исто време, во земјите и местата каде што огромното мнозинство луѓе примиле вакцина, нема болници што ненадејно се наполниле со „жртви на вакцини“. Животот продолжува нормално. Познатите несакани ефекти на вакцините се многу ретки, па дури и кај најранливите популации сè уште се во просек неспоредливо помалку опасни од вирусната инфекција.

Што значи оваа ситуација за иднината?

Јас не сум пророк, вели д-р Бабиќ, но можам да понудам претпоставка. Во следните месеци, вакцинираните лица ќе продолжат да си го живеат животот, а ковидот ќе продолжи да ја напаѓа невакцинираната популација (особено кога делта и нејзините потомци ќе дојдат во полна сила). Некои луѓе што се плашат од вакцината полека ќе се премислат. Други нема да ја сакаат вакцината по ниедна цена и порано или подоцна ќе го добијат вирусот. Повеќето од нив ќе го прележат, честопати без поголеми проблеми, и потоа ќе речат: „Ете, гледаш, не ми ни требаше да се боцкам, ова не е ништо“. Помал број ќе имаат тешка форма на болеста, последици, или ќе умрат; тие (или нивните семејства) тогаш може да се премислат, но предоцна.

За повеќето целосно вакцинирани останува заканата дека кај таа невакцинирана популација ќе продолжат да се шират и произведуваат понатамошни мутации, што и понатаму ќе ја намалуваат ефикасноста на вакцините. Порано или подоцна, некој сој што развил доволно начини да ги избегне антителата ќе успее да ја избегне и вакцината – но сѐ поголем број податоци покажуваат дека можеме да се надеваме дека имунитетот нема целосно да падне на нула во еден чекор. Новите соеви ќе го направат имунитетот делумен, што значи дека вакцинираните ќе се разболуваат, но ќе имаат (во повеќето случаи) полесен тек на болеста, со помалку компликации и смртни случаи. Неодговорноста на невакцинираните исто така значи дека постои поголема веројатност да биде потребна дополнителна доза против варијантите; но долгорочната отпорност што ја гледаме, да повториме, произведува очекување дека ваквите дополнителни дози ќе бидат ретки.

Најголеми губитници во оваа ситуација се постарите лица, лицата со слаб имунитет, онколошките пациенти и оние што од некоја медицинска причина не можат да примат вакцина. Наместо општеството околу нив да се имунизира и да спречи вирусот да стигне до нив, бројот на невакцинираните лица во нашиот регион ефективно гарантира дека вирусот ќе продолжи непречено да кружи. Ова значи дека заразата порано или подоцна ќе стигне до оваа чувствителна популација – па кој жив, кој мртов, вели д-р Бабиќ.

Севкупно? Можеше да биде и полошо. Но можеше да биде и подобро. Цената на упорното незнаење и верување во теориите на заговор, како и обично, во најголем дел ќе ја плаќаат најслабите.

Извор: Мкд.мк