Што разбира Фејсбук од уметноста на Рубенс – му мава цензура, „ич не му дреме“


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Кога уметник од рангот на Питер Пол Рубенс ќе се зафати со третирање на разголеното човечко тело како мотив и тема на уметничкото платно, голотијата добива една нова и возвишена димензија, која ни приближно не може да се споредува со вулгарниот еротизам кој денес се промовира на платформи како Инстаграм и Твитер.

Уметничките музеи од Белгија имаат сериозни проблеми со промоција на нивните поставки и изложби на социјалната платформа Фејсбук, особено со импресивните дела на фламанскиот мајстор Рубенс на кои тој тематски ја третира човечката голотија, бидејќи на алгоритмот од гигантот Фејсбук ама ич не му е гајле, ниту го интересира кој е Рубенс и што значи тој во светот на уметноста.

Си има Фејсбук правила и неговата автоматска цензура строго се држи до нив, па на истата подлежат и врвни уметнички дела од најголемите мајстори на сликарската уметноста, како споменатиот сликар. Тоа ги обедини музеите од Белгија во заеднички протест против ваквата нефлексибилност на социјалната мрежа.

„Голите гради и задници насликани од нашиот уметник ги сметате за несоодветни. Забележавме дека Фејсбук постојано ги отфрла уметничките дела од нашиот сакан Петер Паул Рубенс“, му напишаа повеќе од десетици врвни белгиски уметници на извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг.

Туристичкиот одбор „Посетете ja Фландријa“ дури направи и подбивно видео во кое чуварите ги спречуваат посетителите да ја гледаат голотијата во Музејот Рубенс хаус, а еден дури ги шири рацете пред сликата на Адам и Ева, каде што библиските ликови се покриени само со смоквин лист. Наместо тоа, ги пренасочуваат на други слики каде што сите се соодветно облечени.

Фејсбук вели дека ги разбира проблемите на уметниците. Но дури и ако дозволи да бидат објавени слики како оние од Рубенс, има порестриктивни правила кога станува збор за рекламирање што „не смее да има содржини за возрасни. Ова вклучува голотија, претстави на луѓе во експлицитни или сугестивни позиции, или активности што се пресугестивни или сексуално провокативни“.

Двете страни договориле состанок за да разговараат подетално за ова.