Што е тоа „Развоен Буџет“?


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Дедо Мраз и Развојниот Буџет се само митови, со првиот се придобиваат децата, со вториот возрасните гласачи.

Имав многу лошо чувство, кога како дете дознав дека Дедо Мраз не постои. Ок, и претходно имав сомневања во стилот: како е можно да посети милијарди деца за толку кратко време, како може да заврши работа со само една вреќа, како е можно да летаат неговите елени/ирваси или што и да се, итн..?

Ама кога дефинитивно го провалив Димче Мешковски на времето, облечен како Дедо Мраз, па уште кога дознав дека моите родители го платиле пакетчето кое наводно добриот дедо го дарува од срце, тоа беше многу непријатен судар со реалноста. Она што го сметав за бесплатно, испадна дека е финансирано од истите пари од кои егзситираме ние дома. Дека не се работи за никаква добрина, туку за добро организирана претстава со која се освојуваат детските срца. Тоа беше растурање на една магија во која толку многу сакав да верувам.

После толку години, гледајки како  е скроен буџетот за 2014 година, и кои се очекувањата, неможам да поверувам дека некои луѓе се уште не раскрстиле со митот за Дедо Мраз. Користејки академско-политичка терминологија ( и тоа во духот на Кејнз, се разбира) митот за Дедо Мраз во економијата би можел да се нарече РАЗВОЕН БУЏЕТ. Тоа е магија во која академските економисти и политичарите силно веруваат, додека за обичниот свет тоа е само уште една представа со која наместо детските, се освојуваат гласачките срца.

Идејата е, дека државата со својата потрошувачка ќе ги насочела парите кон одредени политички одбрани сектори, со што би се отвориле нови работни места, би се намалил бројот на сиромашни и невработени, би биле создадени нови потрошувачи кои со своето трошење понатаму би ги поттикнале и другите сектори. Според ваквата теоретска предпоставка, на хартија се добива поголем економски раст, и повисок животен стандард за сите.

За разлика од Дедо Мраз, митот за РАЗВОЈНИОТ БУЏЕТ има сериозна академска длабочина поткрепена со многу докторски титули, илјадници научни трудови, милиони студентски и политички следбеници, и по некоја нобелова награда. Тоа е мит со кој не се излажани само нашите гласачи… измамен е добар дел од светот во последниве 80 години.

Но сепак, буџетот е само план (а не готови пари) според кој во иднина би се трошеле средствата собрани од граѓаните. Без нивното економско делување, не би постоел никаков буџет. Од овде може да се примети, дека митот наречен РАЗВОЕН БУЏЕТ, не е ништо друго, туку одземање пари од граѓаните и нивно префрлување во неисплатливите и непродуктивни сектори, кои без народните пари којзнае дали воопшто би функционирале.  Кажано со јазикот на обичниот човек, сите ние ќе плаќаме повеќе данок за државата да може да им обезбеди работа на неколку десетици фирми, и вкупната економија наредната година да покаже поубави бројки.

На тој начин граѓаните плаќаат услуги кои ниту ги користат, ниту пак некој со сигурност знае дали им се потребни. На тој начин навистина се отвораат нови работни места, и навистина се создава одреден број нови потрошувачи, но крајниот ефект се губи бидејки средствата се обезбедуваат преку зголемена државна потрошувачка која ги зголемува цените и го намалува животниот стандард.

Спротивно на академските убедувања и на политичките тенденции, зголемените даноци со кои на крајот се покрива државната потрошувачка, ги зголемуваат цените, и така се неутрализира позитивниот ефект на новите работни места и новосоздадените потрошувачи.

Сепак, ефектот е прикажан како позитивен, бидејки зголемените цени најчесто прикажуваат пораст на БДП. Тоа е круната на целата измама. Кејнзовата формула наречена БДП (Бруто Домашен Производ) е академски патент кој е измислен како политичка алатка за собирање на гласови. Само на политичарите им значи оваа величина, за обичните луѓе тоа е практично неупотреблива равенка. Обичниот човек бара намалување на цените, а не нивно зголемување, што е во колизија со политичките тенденции за зголемување на БДП.

САД имал многу голем раст на БДП во времето на Втората Светска Војна поради порастот на воената индустрија. Стапката на невработеност била речиси 0% бидејки сите невработени биле ангажирани како војници, но квалитетот на живот бил скоро непоременет во однос на големата депресија од 1929/33 год. Републиканскиот конгресмен од тоа време Хауард Бафет вели: Се појави недостаток од работна рака, но и недостаток на храна, бидејки оние кои ги вработи државата фактички не произведуваа ништо, па моравме да ги храниме.

РАЗВОЈНИОТ БУЏЕТ има отприлика такви тенденции. Се отвораат работни места на сметка на сите нас, се финансираат со се поголем буџет кој се полни со се поголеми даноци, кои пак носат се повисоки цени на живот. На крајот, растот на бројките се прикажува како РАСТ НА БДП. Политичарите се фалат со поголеми бројки, додека обичните луѓе не добиваат речиси ништо. Затоа немојте да ве заведе нагорното движење на БДП. Тоа не значи секогаш повисок животен стандард, дури напротив, во реалноста резултатите може да бидат сосема спротивни.

Интервенционистичките бајки, продолжуваат со идеата дека задолжувањето на државата, со цел изградба на одредена инфраструктура, ќе ја подобрело конкурентноста на економијата. Понатаму, фирмите би постигнале подобри резултати, би исплатиле повеќе данок, со што кредитот би се вратил без проблем.

Ваквата теоретска предпоставка отера во банкрот многу држави, кои навистина веруваа дека државните долгови можат  да донесат повисок животен стандард. Во пракса, РАЗВОЈНИОТ БУЏЕТ може да донесе повисок животен стандард, исто колку што можат да полетаат елените и ирвасите заедно со кочијата, и дебелиот Дедо Мраз во неа.

Еве само еден пример, а ги има уште многу низ Европа:
Хрватска со децении се задолжуваше градејки најквалитетна патна инфраструктура на балканот, најквалитетна железница, аеродроми, пристаништа, па дури позајмуваше пари за одржување на неисплатливите бродоградилишта, солани, и другите промашени фабрики останати од претходниот систем. Од позајмените пари се офајдија и спортските клубови и сојузи.

Ова расипничко трошење беше наречено „ финансирање на благосостојбата“ и се оправдуваше на истиот стандарден начин, дека со тие пари економијата ќе станела поконкурентна, ќе донесела повеќе пари во буџетот, со што долговите би се вратиле без проблем. Еве ја денес Хрватска на работ на банкрот, мора да го продава државниот имот, и дел од природните ресурси, за да ги врати долговите кои не донесоа НИКАКВИ позитивни движења во економијата. И тоа не е се… Хрватска веќе го зголеми ДДВ на 25%, со што граѓаните најмногу ги плаќаат долговите. Мораше да затвори многу државни институции, да намалува плати во државниот сектор, и со тие пари да го отплаќа долгот кој достигна 50 милијарди евра.  Ситуацијата во која денес се наоѓа Хрватска, и од која нема да се извлече сигурно во наредниве 5-6 години, е непријатен судир со реланоста, кој јасно вели дека интервенционизмот  (поготово задолжувањето) НЕ ја зголемува конкурентноста на економијата, така не се добиваат посилни компании, ниту повисок животен стандард.

Тоа е истото она разочарување кое јас го доживеав откривајки дека Димче Мешковски ми дава пакетче кое го платиле моите родители, односно дека тоа не е никаков добар дедо од Лапонија кој лета со ирваси, кој ете дошол да ги усреќи децата. И како што децата кога тогаш откриваат дека Дедо Мраз не постои, редно е сите ние како возрасни луѓе да раскрстиме со идеата дека политичарите можат да создадат повисок животен стандард.

Пакeтчето го плаќаат родителите, или некој друг… РАЗВОЈНИОТ БУЏЕТ го полниме ние со нашите пари, и никој друг. Државата нема пари, туку нив ги зема од граѓаните, исто како што Дедо Мраз не поседува пакетчиња. И државата, и Дедо Мраз, користат ТУЃИ средства. Со ова еднаш мора да расчистиме, и како зрели и одговорни луѓе да ги отрфрлиме политичките измами од типот РАЗВОЕН БУЏЕТ, како и сите други идеи со кои политичката класа себеси се прикажува како Дедо Мраз. Без разлика колку се таквите идеи подражни со академски теории.

Слободниот пазар бил и останал најдобриот и најдокажаниот економски полигон за подигнување на животниот стандард, кој не успејаа да го извалкаат ниту нео-кејнзијанските лаги обвинувајки го за актуелнава економска криза. Потребно е намалување на буџетот, намалување на фискалното, социјалното и еколошкото оптеретување на фирмите и граѓаните, укинување на сите возможни регулативи кои го оптеретуваат бизнисот и работењето воопшто. Секој треба да има право да влезе или излезе од било кој стопански сектор, без било каква државна арбитража, лиценца, дозвола или друг вид на условување. Конкурентноста се зголемува со производство на поевтини производи. Инвестициите доаѓаа само доколку инвеститорите гледаат шанса да се збогатат, а не да ја подобрат „Македонската Благосостојба“. Капиталот се зголемува со штедење, а не со трошење. Само со зголемување на капиталот може да се очекува поголема продуктивност по работник за единица време (час, ден, месец, итн) само зголемената продуктивност по работник може да доведе до зголемена побарувачка на работна сила. Дури тогаш доаѓа до раст на животнот стандард.

Кога расте животниот стандард во услови на слободен пазар, цените имаат тенденција на опаѓање, а не на пораст. Зголемената понуда на производи по пониски цени не дава секогаш раст на БДП, затоа и БДП неможе да има централна улога во економските односи. Реален економски раст имаме доколку можеме за нашите пари да си дозволиме повеќе производи и услуги. Нивната цена опаѓа со технолошкото подобрување на производството. Како се намалува учеството на работната рака, производството станува се поевтино, а добивките се поголеми.

Намалувањето на работната рака во процесот на производството не значи поголема невработеност, како што сметаат поклониците на Кејнз и Маркс, туку напротив. Кога купуваме поевтини производи, ни остануваат пари за да купуваме нови производи, иновации кои претходно или не постоеле, или биле премногу скапи. На таков начин ги финансираме новите стопански сектори, новите индустрии, новите погони кои отвораат нови работни места. Така човекот може да си дозволи се повеќе и повеќе производи и услуги. Денес имаме повеќе апарати за домаќинство, купуваме повеќе храна, користиме се повеќе поразлични услуги, итн. Тоа е реално зголемување на животниот стандард кое НИЕДЕН развоен буџет неможе да го создаде, ниту пак истото секогаш може да се измери со равенката БДП.

За да започне таквиот процес, прво мора да расчистиме со интервенционистичката и социјалната митологија. Политичарите неможат да создадат повисок животен стандард, туку приватниот сектор чија единствена цел е зголемување на личното богатство. Само неограничената акомулација на капитал може да донесе зголемување на инвестициите, и зголемување на побарувачката за работна рака. Дивиот и неограничен капитализам, подразбира неограничена економска слобода во која секој може од работник, да стане инвеститор… ама и обратно, зависно од тоа колку добро им служиме на обичните луѓе на пазарот.

Тоа е најдобриот, етички најисправниот и најправедниот економски систем. Да им служите на обичните луѓе на пазарот на најдобар можен начин, нудејки што поевтини и поквалитетни производи или услуги, и за возврат да го подобрувате сопствениот материјален статус.

„Развојниот Буџет“ е начин со кој државата создава успешни стопанственици, кои не знаат, или се неспособни да му служат на пазарот. Така се финансираат секторите и фирмите кои се омилени или блиски до политичките елити, и тоа со нашите пари. Тоа не се фирми и сектори кои им служат на обичните луѓе на пазарот, тоа се фирми кои им служат на политичарите, и кои без „развојниот буџет“ и сличните политички измами, најверојатно не би ни постоеле.

Затоа, луѓето треба својот глас да го дигнат барајки поголеми економски слободи, а не поголем „развоен буџет“ кој ќе ни одземе уште повеќе пари. Ако се очекуваат граѓански протести, тие треба да бида про-капиталистички, а не социјални.

Ви посакувам среќна и успешна 2014 година. Нека има помалку пари во државната каса, нека има повеќе во Вашиот џеб!

Пишува:

Виктор Трифуновски
претседател на Либертаријански Клуб АТЛАС, Скопје