Што ако нема цензус во вториот круг од претседателските избори?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Ниската излезност на гласачите во првиот круг од претседателските избори, која изнесуваше 42 отсто од вкупниот број на евидентирани гласачи, го зголеми стравот кај политичкиот естаблишмент за неостварување на потребниот минимум од 40 отсто излезност во вториот круг од изборот за нов шеф на државата.

На пет дена до вториот круг претседателски избори никој не може со сигурност да го одговори прашањето дали в недела ќе ги има потребните 40 отсто излезност за да се избере претседател. Ако тоа не се случи, тогаш според Уставот, функцијата претседател на државата ќе ја врши претседателот на Собранието Талат Џафери. Но, се појавија и недоумици до кога тој може да ги извршува двете функции и како ќе се излезе од политичката криза потоа; со промена на Уставот или со организирање нови избори за претседател, евентуално заедно и со парламентарни избори, пренесува Радио Слободна Европа.

Поранешниот судија во Уставниот суд Трендафил Ивановски е дециден дека решението се нови избори за претседател на државата. Тие, тврди тој, треба да се распишат веднаш откако ќе се констатира дека нема цензус. Тој цитирајќи неколку членови од Уставот, вели дека тие мора да се одржат во рок од 40 дена од кога ќе му престане мандатот на Иванов, кој истекува на 12 мај, што би значело дека Џафери двете функции би ги вршел некаде до втората половина на јуни, кога би се одржале нови избори за претседател.

„Во овој дел под кои било причини може да се смета и неизбирањето претседател во рокот во кој требало и тогаш се врши изборот во рок од 40 дена“, вели Ивановски.

Според него, не е можна ниту варијантата да се менува Уставот за да се намали цензусот, или, пак, да се промени начинот на избор на шеф на државата и тој да се бира во Собранието, оти вели дека постапката на уставни измени е доста долга.

„За да нема политичка криза, бидејќи нема кога да се оди на промена на Уставот, треба да се оди директно на повторување на изборите, оти со повторување на изборите се запазува рокот од 40 дена“, вели Ивановски.