Што ако не се постигне гласачки цензус на претседателските избори?


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Ако на претстојните претседателски избори не се постигне законски определениот цензус со кој може да се избере шеф на државата, во игра се две можни опции – претседател да се избира од страна на граѓаните во вториот круг, без притоа да има потребно мнозинство или шефот на држават да се избере во Собранието на Република Северна Македонија, вели министерот за правда, Рената Дескоска, пренесува Денешен.

Вакво објаснување Дескоска даде на прашањето дали се размислува за менување на Уставот во делот на изборот на претседател ако не биде постигната потребната излезност на изборите што треба да се одржат на 21 април и на 5 мај.

„Ние имаме препорака од Венецијанска комисија дека цензусот што постои во Уставот за избор на претседател е нешто што не е соодветно и мора да биде тргнато. Тоа е препорака што се провлекува уште од претходните избори. Странските експерти веќе забележале дека има нешто што е нетипично во другите земји што некогаш на некој начин може да претставува опасност за да не може успешно да се спроведат претседателски избори. Менувањето на Уставот со цел да се олесни процесот на избор на претседател е нешто што веќе е препорачано и од ОБСЕ односно ОДИХР. Има две опции, едната е претседателот да се избира на непосредни избори без потребно мнозинство на излезност во вториот круг. Тоа значи кој ќе добие повеќе гласови победува и тука немате можност да минирате избори преку бојкот. Другата опција е избор на претседател во Собрание. Тоа се две различни опции кои се можни и кои постојат во компаративното право“, изјави Дескоска по денешната Европсока конференција за медијација.

Според сегашното решение во Уставот, за да биде избран претседател во првиот круг од изборите, неопходно е за него да гласаат мнозинство од вкупно запишаните 1.808.131 избирачи, односно најмалку 904.066 граѓани со право на глас.

Доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот круг.

За претседател ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи.

Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добие потребен број гласови, целата постапка се повторува.