Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Бившиот германски канцелар Герхард Шредер, кој важи за добар пријател на Владимир Путин, тврди дека рускиот претседател сака да преговара за решение на војната во Украина и дека минатомесечниот договор за испорака на жито може да биде чекор во таа насока.
„Добрата вест е дека Кремљ сака договорено решение“, изјави Шредер за неделникот Стерн и РТЛ/нтв, додавајќи дека минатата недела се сретнал со Путин во Москва. „Првиот успех е договорот за житото, кој можеби полека може да се прошири до прекин на огнот“, рече тој.
Русија и Украина минатиот месец постигнаа договор за деблокирање на извозот на жито од пристаништата на Црно Море, а првиот брод со украинско жито на светските пазари од почетокот на инвазијата синоќа пристигна во Турција.
Шредер рече дека со текот на времето може да се најдат решенија за клучните проблеми како Крим, „можеби не за 99 години, како во Хонг Конг, но во текот на следната генерација“. Тој рече дека алтернатива за членството во НАТО за Украина може да биде воена неутралност, како Австрија.
Иднината на регионот Донбас во источна Украина, сцената на жестоки борби, сепак, би била посложена.
„Ќе треба да се најде решение засновано на швајцарскиот кантонален модел“, рече тој, додавајќи дека останува да се види дали Путин ќе се врати на предвоената „контактна линија“ во прекинот на огнот.
Шредер, канцелар од 1998 до 2005 година, ја критикуваше војната во Украина, но одби да го осуди Путин, кого сè уште го нарекува близок личен пријател.
Тој е сè помаргинализиран во Германија поради неговиот проруски став, а му е одземено и правото на канцеларија финансирана од јавни пари.