Цветков: Не би лицитирал со датум за исплата на субвенциите на земјоделците


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Проблемот со неисплатените субвенции за земјоделците за 2015 и 2016 година не е ниту во Министерството за земјоделство ниту кај Платежната агенција, изјави денеска министерот за земјоделство Михаил Цветков.

Тој пред новинарите рече дека го чека да се врати од САД министерот за финансии Кирил Миноски за, како што рече, да го надминат политичкиот вакуум помеѓу Законот за избори и Законот за земјоделство и рурален развој. Миноски посочи дека за проблемот со субвенциите се разговарало и на владината седница во саботата, и дека за конечно решение треба да разговара со првиот човек на финансии, кој неколку дена не е во Македонија.

Кај нас како Министерство за земјоделство и кај Платежната агенција не е спорно ништо за исплата на субвенции. Во секој случај, сега имаме проблем со Министерстовото за финансии и се надевам дека во најскоро време и овие проблеми ќе бидат завршени, рече Цветков.

Првиот човек на Министерството за земјоделство изјави дека е испратен писмен налог за исплата на субвенциите до Платежната агенција, но дека не може да лицитира со датумот кога парите би легнале на сметките на земјоделците.

Не се поставува прашање дали има пари. Ние можеме да кажеме дека во моментов немаме да исплатиме 50, 60 милиони евра, но на сите ни е јасно дека можеме да исплатиме 5 милиони евра, дополни министерот.

Цветков на прес-конференцијата пред новинарите посочи дека за 2014 година се исплатени 104 милиони евра директни субвенции, следната 2015 година се исплатени 103 милиони евра. Во 2016 се исплатени 90 милиони евра поради ребалансот на буџетот за поплавите, но во тие пари се и субвенции за 2015. Според податоците на министерот, за 2015 година земјоделците треба да добијат околу еден милион евра, а за 2016 година, уште околу 60 милиони евра.

Заменик-министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски, рече дека во однос на штетите од невремето, на итната владина седница, се донесени заклучоци за итно формирање комисии за проценка на штетите. Тој рече дека тековно се исплаќаат за елементарната непогода од поплавите.