Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Откако шпанскиот парламент денес му даде поддршка на социјалистичкиот лидер Педро Санчез за формирање на коалициска влада, Шпанија, конечно, после едногодишна политичка криза, добива нова Влада. Со тоа се отвора патот и за ратификација на македонскиот протоколот за членство во НАТО.
Формирањето на шпанската Влада ќе го отвори патот за ратификација на протоколот за членство во НАТО со што нашата држава ќе стане 30-та членка на Алијансата.
Заменикот министер за надворешни работи Андреј Жерновски, на својот фејсбук профил, го поздрави изборот на шпанската Влада.
„Добра вест од Мадрид! Штотуку е изгласана новата Влада во Шпанија. Честитики до премиерот Санчез”, објави на фејсбук Жерновски.
Лидерот на Социјалистичката партија на Шпанија Педро Санчез денеска доби поддршка со 167 гласа во 350-члениот шпански Парламент за формирање на коалициска Влада со левичарската партија Подемос.
Во неделата, во првиот круг гласање, коалицијата на Санчез не доби поддршка од повеќе од 176 пратеници, па денеска во вториот круг на гласање, беа доволни повеќе гласа „за” од „против”.
Социјалистите на Санчез победија на изборите во април минатата година, но тој не доби доволно гласа за самостојно формирање влада. Откако не доби поддршка од останатите партии во ноември се одржаа нови, вонредни избори, на кои беа постигнати слични резултати, по што социјалситите на Санчез формираа коалиција со помалата левичарска партија Подемос со кои заедно имаат вкупно 155 пратеници.
За десет месеци Протоколот за пристапување во НАТО го ратификуваа 28 од вкупно 29 членки, а приемот на Македонија како 30.членка на НАТО е извесно, влезот е само формалност, бидејќи одлуката и согласноста од 29 земји-членки е веќе дадена.
Од наша страна, пак Предлог-законот за ратификација веќе е во собраниска процедура. Владата кон крајот на минатиот месец се одлучи за предвремена ратификација кај нас, со цел да не се загуби континуитетот во процесот на официјализирање на нашето членство со оглед на тоа што земјава оди на предвремени избори на 12 април, а Парламентот се распушта на 11 февруари.