Шолц и Макрон преку писмо му порачаа на Вучиќ Србија да се подготви за тешки одлуки


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Емануел Макрон и Олаф Шолц преку писмо кое му го испратија на српскиот претседател Александар Вучиќ му порачаа дека сакаат Белград да тргне кон компромис со Косово.

Францускиот и германскиот лидер испратија заедничко писмо до српскиот претседател Александар Вучиќ, барајќи од него да се подготви за „тешки одлуки“ во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во нивното писмо, објавено од прес-службата на Вучиќ, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц велат дека нормализацијата на врските меѓу Косово и Србија е најважна за европската и балканската стабилност.

„Ви го испраќаме ова заедничко писмо во момент од клучно значење за безбедноста на европскиот континент и стабилноста во регионот на Западен Балкан. Убедени сме дека, во контекст на руската агресија врз Украина, мора да вложиме уште посилни напори за европската перспектива на земјите од Западен Балкан да стане реалност и да се решат долгорочните билатерални и регионални спорови. Целосната нормализација на односите меѓу Косово и Србија е од суштинско значење за Западен Балкан“, се вели во писмото на двајцата европски лидери.

„Ве повикуваме да покажете максимална решителност и подготвеност да донесете тешки одлуки, кои ќе водат кон напредок во дијалогот меѓу Косово и Србија под покровителство на ЕУ“, напишаа тие, додавајќи дека неодамнешниот судир меѓу Белград и Приштина околу личните документи и регистарските таблички покажал итна потреба од конструктивни чекори.

Макрон и Шолц, исто така, посочуваат дека ги испратиле своите советници Емануел Боне и Јенс Плотнер да му помогнат на Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, во неговите дипломатски напори.

„Предлагаме нашите советници, заедно со Мирослав Лајчак, да ги посетат Косово и Србија, со цел да ги истражат можностите за брзо придвижување на процесот“, велат Макрон и Шолц.

На крај тие заклучуваат дека искрено се надеваат дека иницијативата ќе наиде на интерес и поддршка од Александар Вучиќ.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, минатата недела објави дека Србија и Косово постигнале „договор за слобода на движењето“. Белград, особено, се согласи да ги укине документите за влез и излез за сопствениците на косовски лични карти, а Косово се согласи да не го воведува истото за сопствениците на српски лични карти, рече тогаш Борел.

Сепак, тензиите меѓу Косово и Србија сè уште се високи. Иако двете страни успеаја да постигнат делумен компромис, косовската влада инсистира српските регистарски таблички и лични карти да се заменат со оние издадени од Приштина.

Наспроти ова, српската армија во средата почна вежби во близина на административната граница со Косово. Нивниот тајминг се совпадна со претходниот рок за промена на регистарските таблички, кој, сепак, подоцна беше одложен на 31 октомври.