Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Граѓаните на Република Северна Македонија денес, за прв пат под новото име, а шести од осамостојувањето, ќе гласаат на претседателските избори за избор на шеф на државата. Во трката се тројца кандидати за функцијата – Блерим Река, Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски, пренесува Слободна Европа.
На шестите претседателски избори од независноста на земјата право на глас имаат 1.808.131 граѓани, а гласањето го спроведуваат 80 општински изборни комисии на 3.480 избирачки места. Гласачките места се отворeни од 7 часот, а ќе се затворат во 19 часот.
Граѓаните имаат можност својот глас да го дадат на еден од тројцата кандидати. Под реден број еден на гласачкото ливче е Блерим Река, кој е поддржан од Алијансата за Албанците и БЕСА, потоа следи Гордана Сиљановска, која е кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, а под реден број три е кандидатот на СДСМ и на владината коалиција, Стево Пендаровски.
Доколку се доцнело со почеток на гласањето, гласањето продолжува за онолку време колку што задоцнило. Гласачките места иако се затвараат во 19 часот, на оние гласачи кои се затекнале на местото на гласањето ќе им биде овозможено да си го остварат своето право на глас.
Избирачкиот одбор може да го затвори гласачкото место и пред истекот на рокот, по претходна согласност од надлежната општинска изборна комисија, ако гласале сите избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список, но не започнува со броење на гласовите пред 19 часот. Ако гласањето е прекинато подолго од 1 час, гласањето ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од 3 часа.
За победа во првиот круг на еден од кандидатите му е потребно мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови Доколку никој не ги освои потребните гласови, во вториот круг закажан на 5 мај, победува еден од двајцата кандидати што добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи. Доколку и во вториот круг ниту еден од кандидатите не го добил потребниот број гласови, се повторува целата изборна постапка, согласно Изборниот законик.
Заедно со претседателските се одржуваат и локални избори во општините Дебар, Ново Село и Охрид за избор на нови градоначалници, каде има привремени вршители на функцијата. Во Ново Село причината за избор на нов градоначалник е апсењето на Боро Стојчев, а во Дебар и Охрид причина е ненадејната смрт на градоначалниците Ружди Љата и Јован Стојановски.
Акредитирани домашни набљудувачи на изборите се вкупно 3.094 лица. Најмногу има невладината МОСТ со 1.950 набљудувачи. Потоа здружението за Афирмација на Хумани вредности и младинска интеграција МАК-СОНЦЕ со 583 набљудувачи, Здружение на граѓани за развој и промоција на туризмот, одржлив развој и човекови права АКСИОС 2017 Скопје со 329 набљудувачи и невладината Цивил со пријавени 160 набљудувачи.
Акредитирани се и 419 меѓународни набљудувачи. Најмногу од нив, односно 195 се од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР. На гласањето ќе бидат присутни и 289 преведувачи, а ќе го следат и 13 странски новинари.
МВР во соработка со ОБСЕ изработи мобилна апликација за полициско постапување на изборите. Мобилната апликација е достапна на интернет страната на министерството и истата може да ја симнат граѓаните.
Вчера на 32 гласачки места во дипломатските конзуларни претставништва гласаа граѓаните од дијаспората, каде беа пријавени 1.782 гласачи. Истиот ден гласаа и болните и немоќни лица, при што пријавени за гласање беа 3.583 гласачи, како и 1.600 затвореници сместени во затвор или куќен притвор и седум раселени лица кои се пријавиле во ДИК за гласање.
Според Уставот, претседателскиот кандидат треба да има над 40 години и да биде жител на државата најмалку 10 од последните 15 години. Еден мандат на претседателот трае 5 години. Првиот претседател од независноста на Македонија беше Киро Глигоров, потоа Борис Трајковски, по нив следеше Бранко Црвенковски, а единствен со два мандата е претседателот во заминување Ѓорге Иванов.