Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Македонија денеска одбележува 6 години од драматичните настани, тензии и насилства кои се случија на 27 април, 2017 година, попознат како „крвавиот четврток“, кога поголема група протестирачи против упаднаа во Собранието со цел да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собанието.
За едни уставобранители и чесни луѓе, за други терористи и убијци. Правосилно осудените за настаните од 27 април од првата постапка, кои судијката Добрила Кацарска ги осуди на вкупно 211 години, шест години по настанот се зад решетки. Најголем дел од осудените се во затворот во Штип, дел се во Идризово, дел во Прилеп, а само Нинџа, иако е осуден на казна затвор од 7 години е во Истражниот затвор во Шутка. Нинџа е единствениот од вкупно 16 осудени што е во отворено одделение, односно оди на работа преку ден, а само за спиење е во затворската ќелија. Платата што ја заработува оди на сметката на затворот.
Но Нинџа не се издвојува од другите само по третманот во затворот, туку се издвојува во предметот по исказот и по затворската казна. Тој на 6 декември 2018 година на рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје ги откри тајни релации што ги имал со УБК, релацијата со Сашо Мијалков, како и од каде доаѓале наредбите за тоа како да се делува во Собранието на 27 април. Во својот исказ тогаш Нинџа рече дека ја открива вистината за 27 април од своја гледна точка и дека она што го кажал било само дел од она што се случувало, дека наредбите и координацијата за тоа што да се прави и да се презема во Собранието на 27 април стасувале токму од споменатите лица, кои биле дел од командно-оперативниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, а тој ден издавале наредби од осмиот кат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Нинџа тогаш посочи дека е убеден дека никој освен него не видел од каде доаѓаат наредбите.
„Сето тоа што се случи на 27 април беше координирано, а како што масата се движеше кон Собранието, наредбите беа сѐ подиректни“, рече тогаш Нинџа.
Шест години потоа, 17 лица осудени за 27 април (заедно со Сашо Марковски, за кого постапката беше одвоена) се во неколку затвори во земјава. Митко Чавков, носителот на златната команда и раководител на оперативниот штаб, е во затворот во Штип. Таму се и полицаецот Митко Пешов, Душко Лазаров, полициски службеник со долгогодишно искуство, полицаецот Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Младен Додевски, Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митровски – Кољо.
Во затворот во Штип неколкумина од осудените се и работно ангажирани, односно полицаецот Митко Пешов работи во пералната за алишта, Оливер Поповски работи во училницата за компјутери, односно ги обучува осудените лица со основни познавања од компјутерите, Ченто работи во затворската библиотека и води евиденција за тоа кој од осудените лица зема и враќа книги, Додевски е работно ангажиран во кујната, а Пепиќ и Трајковски во резбарското одделение.
Во затворот во Прилеп се Горан Ѓошевски – Леви, Игор Југ и Вилијам Михајловски, а во најголемиот затвор во државава од оваа постапка се само Сашо Марковски и Абдуљфета Алими.
Осудениот Алими е првиот од вкупно 17 што ќе излезе на слобода до крајот на годинава, а по него на слобода треба да излезе Нинџа. Василевски затворот треба да го напушти на 11 јуни 2025 година.
Овој осуден прво беше во затворот во Штип, а кон средината на јули 2021 година беше префрлен во специјалното одделение за лица со висок ризик во затворот во Шутка. Ова одделение го чуваат специјалци, а од август 2022 година тој е во отвореното одделение, од каде што оди да работи, а навечер се враќа во затворот за да преспие.
Шест години потоа ништо не се промени и секој си остана на својот став. Обвинетите што не добија амнестија, туку пресуда со затворски казни, до денес сметаат дека се зад решетки поради политички монтиран процес. Оние од другата страна на предметот, Обвинителството и судот сметаат дека овие лица сториле терористичко загрозување на уставниот поредок. Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ во текот на постапката ја негираа својата вина.
Во почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа учесници во упадот во парламентот, а некои и во нападите врз пратениците на актуелната власт.
Но по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица, а за еден обвинет, односно за Сашо Марковски, поради болест постапката беше одвоена.
Затворските казни од првостепениот суд беа следни: Митко Чавков, осуден на казна затвор од 18 години, Митко Пешов на 18 години, Душко Лазаров 15 години, Горан Ѓошевски Леви 13 години, Оливер Поповски 13 години, Оливер Радулов 10 години, Мунир Пепиќ 15 години, Абдуљфета Алими 7 години, Младен Додевски 12 години, Јане Ченто 15 години, Горанче Анѓеловски 12 години, Игор Југ 12 години, Виктор Трајковски 15 години, Вилијам Михајловски 14 години, Никола Митровски Кољо 15 години и Александар Валисевски Нинџа 8 години.
На изрекување на првостепената пресуда на 15 март 2019 година судијката Добрила Кацарска напомена дека е неоспорно дека настаните од 27 април се пренесуваа во живо и раскрвавените глави на пратениците и однесувањето на толпата предизвикале страв и несигурност кај граѓаните и додаде дека не за џабе овој ден е наречен „крвав четврток“.
„Зарем татковината се брани со тепање пратеници и новинари и зарем тоа е патриотизам?“, праша тогаш судијката.
Судскиот процес за настаните во собранието од 27 април 2017 година почна во август 2018 година и е еден од најголемите процеси во македонското судство.
По амнестијата на 15 обвинети, речиси сите обвинети што останаа во постапката ги споменуваа пратениците во завршните зборови, а најмногу Сашо Василевски и Крсто Мукоски, кои, како што велат обвинетите, се најголемите виновници, бидејќи ако тие не ги отвореле вратите на Собранието, ништо од она што се случуваше немаше да се случи на 27 април 2017 година во законодавниот дом.
Апелацискиот суд Скопје за првиот предмет прифати дел од жалбите и им ги намали затворските казни на дел од осудените.
Според одлуката на второстепениот суд Чавков доби пресуда од 16 години затвор, Пешов од 13 години, Лазаров 13, Ѓошевски 13 години, Поповски 11 години, Радулов 9 години, Пепиќ 13, Алими 6, Додевски 11, Ченто 13 години, Анѓеловски затвор од 12 години, Југ 11 години, Трајковски 14, Кољо 14 и Нинџа 7 години.
Собраниското мнозинство во март годинава не го прифати предлогот по скратена постапка да се донесе предлог-закон за амнестија на лицата осудени за настаните во Собранието на 27 април 2017. Предлогот беше поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, по иницијатива на адвокатите Јанаки Митревски и Драган Пешевски. 40 пратеници беа за предлогот, 58 гласаа против, а еден беше воздржан.
Со 95 гласа „за“, без против и воздржани, Собранието на 18 декември, 2018 година го донесе по скратена постапка Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година.
За овој настан подоцна се отвори постапка за организаторите на насилствата, односно оние што беа сведоци во првата постапка. Но за овој предмет, иако имаше првостепена пресуда, Апелацискиот суд Скопје одлучи дека треба да ја укине затворската казна и предметот да го врати на повторено судење.
Со првостепената пресуда на вкупно 25 години затвор беа осудени организаторите спикерот Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, ексминистрите добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК на 6 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За избеганите Никола Груевски во Унгарија и Никола Бошкоски од УБК, кој е побегнат во Солун, постапката е запрена до нивното наоѓање, односно апсење.
Законот за амнестија што беше донесен за дел од обвинетите во првата постапка за 27 април и со кој 15 обвинети беа ослободени, беше главната причина судијата Илија Трпков да им ги ублажи казните на обвинетите за организирањето на насилствата од 27 април, 2017 година. Поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски беше осуден на затвор од 6 и пол години, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски добија затвор од 6 години и 3 месеци, а поранешниот шеф на УБК Владимир Атанасовски доби затвор од 6 години.
Предметот за другите е вратен на повторно судење.
Автор на текстот: Катерина Додевска
Извор: Мкд.мк