Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Европската Унија се наоѓа пред огромна геостратешка одлука. Најважниот инструмент против оваа војна на европско тло е перспективата на ЕУ и проширувањето – ова го порача шефот на австриската дипломатија Алекасндар Шаленберг од Скопје, каде имаше заедничка прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Тоа е геополитичка задача на ЕУ и никогаш досега не било толку важно да се реализира проширувањето. Затоа сметам дека што побрзо треба да се отворат преговорите со Македонија и Албанија, апелираше Шаленберг.
Во однос на прашањето со Бугарија, Шаленберг оцени дека решението е близу.
– Денеска сум во Скопје и навистина ме охрабрува што гледам дека се приближуваме кон решавање на проблемот. Сите делчиња од сложувалката се на масата и сега треба само уште да ги сложиме. И се надеваме дека уште пред почетокот на летото ќе дојде до тој почеток. Австрија сака да даде свој придонес и ќе биде солидарна со Македонија во тие чекори пред преговорите, бидејќи тоа е геостратешка неопходност. Вие сте непосредни соседи на ЕУ, опкружени сте со земји членки на ЕУ. Сите земји кои досега не пристапиле, редно е да пристапат кон Унијата, нагласи Шаленберг.
Тој истакна дека преговорите траат со месеци, со години, но оти не може едната страна да попушти, а другата да добие.
– Тоа се некои мали нешта што треба уште да се решат меѓу Софија и Скопје. Но, сметаме дека не може едната страна да попушти, а другата да добие. Ние сметаме дека тука треба да има заеднички јазик. Да, ова се навистина чувствителни прашања. Јас доаѓам од Централна Европа каде што исто така се соочуваме со вакви проблеми, особено во почетокот на 2000 година. Меѓутоа, ЕУ е таа која што е рамката каде што треба да се дискутираат овие прашања и каде што треба да се рационализираат овие прашања. Тоа е всушност пристапот што ние го поддржуваме. Мислам дека и во разговорите со многу претставници ќе гледаме каде можеме ние да помогнеме во тие чекори, меѓутоа уште еднаш би сакал да нагласам дека двете влади, двете држави веќе ги имаат составните делови од сложувалката. Сега е време да се сложат истите, порача тој.
Шаленберг, кој вчера беше во посета на Софија, изјави дека не може да изнесе за што се разговарало со бугарските претставници, но нагласи оти е охрабрен.
– Можам да кажам дека сум охрабрен затоа што ситуацијата веќе изгледа поинаку и мислам дека веќе е напредната во споредба со минатото. Од моја страна знам дека говориме за фрустрации, за рокови, знам дека говориме за разочарувања, меѓутоа за Австрија тоа е геостратешка фиксна задача овој регион мора да биде дел од ЕУ, рече Шаленберг.
Шефот на австриската дипломатија потсети дека на овие држави им е ветена европска перспектива и оти зборот ќе се одржи.
– Знаеме дека поради војната во Украина е уште поважно сега да покаже ЕУ кредибилност и тоа за мене е многу битен аспект и јас навистина се надевам дека да има некои закани дека ќе се прекинат преговорите. Меѓутоа, сепак станува збор за взаемен интерес и дека треба да се стабилизира целиот регион и сето тоа ќе придонес кон тоа. Да, имаме две земји што веќе ги почнаа преговорите и две држави што треба да ги почнат, и тие две држави навистина треба веќе да создадат факти – Албанија и Македонија треба да направат чекор напред и да почнат конечно со преговорите, подвлече тој.
Шаленберг рече дека ниту една држава досега не придонела толку за стабилноста во регион како што е Македонија.
– Северна Македонија е пример за тоа како земја што треба да и пристапи на Европската Унија. Го сменивте името, дадовте голем придонес за стабилноста. Ова треба да биде тест и за ЕУ. Унијата треба да покаже дека постои геополитичка сила да направи соодветен чекор и дека треба да направи чекор кон нов процес. Не постои всушност политички вакуум, ние треба да придонесеме кон нов стабилен модел, или ние ќе испорачаме тука или ќе се соочиме со некои други држави коишто може ќе нанесат и нестабилност, додаде Шаленберг.
Министерот Османи од своја страна истакна дека Австрија е стратешки партнер заради конзистентноста и поддршката што ја дава на Западен Балкан и посебно за Македонија и таа конзистентност се манифестира и во Брисел, во Скопје и Софија и затоа сме благодарни.
– Исклучително сме благодарни за охрабрувањето што Австрија и го дава на земјава. Да се има пријател како Австрија во непосредното соседство на Западен Балкан е исклучително важно. Зборувавме Македонија како кредибилен партнер на ЕУ, земјава го усогласи своето законодавство 45 отсто со европското. Зборувавме за неопходноста од стратешко лидерство на ЕУ кон регионот, рече Османи.
Шефот на македонската дипломатија кажа дека Унијата сега треба да го покаже своето лидерство што го покажа во 2004 година.
Османи, исто така, потсети дека Австрија е прв инвеститор во земјата со над 50 поголеми австриски компании што се присутни овде, со што се отвораат и нови работни места во државава.