„Северниот пол” на Марија Апчевска награден на Festival International du Film d’ Aubagne


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На 13 издание на European Short Pitch – Nisi Masa, филмскиот проект „Северниот пол” на режисерката Марија Апчевска ја доби наградата Festival International du Film d’ Aubagne и беше еден од трите наградени проекти на сесијата одржана во францускиот град Брест.

Програмата European Short Pitch – Nisi Masa е престижен настан чија што цел е поттикнување на европски ко-продукции, развивање и создавање на интернационално признати филмови. Настанот се состои од три дела: работилница за развој на сценариото, онлајн сесија и копродукциски форум кој ги обединува режисерите, сценаристите и продуцентите на избраните проекти со филмски професионалци од цела Европа. Право на учество имаат земјите членки на Европската Унија и Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Норвешка, Србија и Украина. Од пријавените проекти, членовите на Nisi Masa мрежата номинираат 40 сценарија, по што жирито избира 16 финални проекти. Резидентната работилница за развој е под менторство на реномирани и наградувани сценаристи, режисери и продуценти, по што следи и онлајн сесија за понатамошен развој.

Во рамките на ко-продукцискиот форум пак, проектот „Северниот пол” го претставија сценаристот и режисер Марија Апчевска и продуцентот Роберт Насков од Кино око. Во текот на изминатите години, голем дел од проектите развивани тука биле дел од престижни фестивали како Кан, Венеција, Берлин и многу други, што дополнително го потврдува значењето и квалитетот на работилницата и форумот.