Сертификатите за примени вакцини против КОВИД-19 можат да се подигнат или на вакцинален пункт или од кај матичниот лекар


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Од Министерството за здравство апелираат дека сертификатите за примена вакцина против ковид-19 по барање може да се подигнат од матичен лекар или од вакцинален пункт.

Граѓани кои денес се јавија во нашата редакција, велат дека при ревакцинацијата во „А1 арената Борис Трајковски“ во Скопје, на последниот пункт при заверување на потврдата за примена вакцина, медицинските лица им рекле дека за сертификат треба да се обратат кај матичните лекари, и дека за отприлика една недела ќе ги добијат.

„Министерството за здравство ќе издава потврда со кју-ер (QR) код, на македонски и англиски јазик. Сертификат ќе добијат сите граѓани кои примиле вакцина со ревакцина и имаат потреба од сертификат. Насоките за изработка на овој сертификат се од Европската мрежа за здравје (Europe Health Network) каде предвидоа дата сет на податоци кои ги содржи кодот односно тој сертификат, а тоа се – име и презиме, датум на вакцина и ревакцина, тип на вакцина и на сертификатот има дигитален печат од Министерството за здравство. Сертификатот може да се добие и како потврда, и во електронска форма, по барање на граѓанинот. Сертификатот го прилагодуваме по препораките на ЕУ, за непречено патување на нашите граѓани“, ни одговорија од Министерството.

Имунизацијата против ковид-19 во земјава се одвива со вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“, „Синофарм“ и со „спутник“.

Иако ЕУ допрва треба да одлучува за препораките влез во Унијата да се дозволи само за вакцинирани со четирите вакциние регистрирани од Европската агенција за лекови (ЕМА) – „Фајзер“, „АстраЗенека“, „Модерна“ и „Јансен/Џонсон и Џонсон“, засега Грција и Австрија најавија дека ќе нема ограничување за влез со типот на вакцините, односно ќе ги примаат и вакцинираните со кинеските на „Синовак“ и „Синофарм“ или руската „спутник“ на „Гамалеја“.

Досега во земјава се вакцинирани 74.076 граѓани, а согласно последните бројки 25% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина. Вчера се аплицирани 9.123 вакцини од кои 7.963 прва доза, а останатите ревакцина. Досега за вакцини пријавени се 256.346 граѓани.