Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
И денеска серија дојави за поставени бомби ги испразнија скопските училишта кои беа принудени да ја прекинат наставата поради добиените пораки по електронска пошта.
Градоначалниците на општините на територија на Град Скопје на официјалните Фејсбук-профили реагираат на заканите за експлозивни направи што утрово пристигнаа на електронските адреси во училиштата.
Во Гази Баба, како што соопшти на официјалниот Фејсбук-профил градоначалникот Бобан Стефковски, сите 11 основни училишта добиле закана за поставена експлозивна направа.
„Изразувам најостра осуда кон креаторите на ваквите појави. Ова е недозволиво! Апелирам и барам, надлежните институции да превземат итни и неодложни чекори и мерки со цел оваа појава час поскоро да запре. Недозволиво е вакви појави веќе подолг период да ги вознемируваат учениците и родителите“, апелира Стефковски.
Шест од вкупно осум основни училишта денеска се под закана за поставена бомба во општина Центар. Градоначалникот Горан Герасимовски на Фејсбук повика на смиреност и следење на протоколите.
„Искрено се надевам дека конечно оваа серија лажни дојави на поставени бомби, кои сериозно не вознемируваат ќе заврши и ќе се открие кој стои зад нив“, пишува Герасимовски.
Мета на „бомбашите“ се и сите основните училишта во Ѓорче Петров.
„Очекувам експресна реакција од надлежните служби за јавен ред и мир и безбедност и истовремено најостро го осудувам овој чин. Апелирам што поскоро надлежните институции да преземат итни чекори. Оваа појава мора веднаш да се искорени. И децата и родителите се вознемирени, а дојавите за бомби, за жал, ни станаа секојдневие“, објави на официјалниот Фејсбук-профил градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Како што информираше Министерството за внатрешни работи, утрово во 09:30 часот во 32 училишта во Скопје и едно во Прилеп упатени се дојави за бомби. Пријавите се пристигнати на електронските адреси на училиштата.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, соопштија од МВР.