Семејство

Предизвиците на семејството на дете со попреченост

 

 

 

 

 

Да се биде родител на дете со попреченост често е поврзано со низа проблеми во менталното здравје, зголемено ниво на стрес, чувство на помала вредност и срам, намалена физичка функционалност, измореност и исцрпеност кај родителите.

Како родителите реагираат кон своето дете со попреченост?

Во литературата се опишуваат неколку начини на реагирање на родителите кон попреченоста на детето. Во првиот случај едниот родител емоционално се разделува од детето, оставајќи ја грижата за детето на другиот родител, а самиот се „крие“ преку низа ангажирања и активности надвор од домот. Во пракса најчесто грижата за детето е оставена на мајката, а таткото е задолжен за обезбедување на финансиска стабилност во семејството. Вторион начин на реагирање е кога родителите ќе се здружат и заедно го одбиваат детето, и во таков случај најчесто детето се остава во институција. Третиот начин на реагирање е кога детето станува центар на животот на родителите, тогаш тие подготвено ја поднесуваат секоја жртва, обидувајќи се да му ја исполнат секоја желба, сметајќи дека тоа е најдобро за детето. Последниот начин на реагирање и кој веројатно е најдобар, кога родителите се ангажираат да му пружат поддршка на детето и меѓусебно си пружаат поддршка. Со тоа го зачувуваат личниот идентитет и духот на нормалниот живот.

Во процесот на адаптација родителите може да преминуваат од еден до друг начин на реагирање, обудувајќи се да го достигнат најдобриот начин на прифаќање на своето дете.

 

Низ кои фази поминува родителот во процесот на прифаќање на своето дете со попреченост?

Фаза на шок- кога чувствата на родителите се „закочени“ и тогаш доминира чувството на реалност и беспомошност. Родителите се крајно анксиозни, поради што многу тешко ја примаат ваквата првична информација, дури и кога таа ќе им биде презентирана неколку пати.

Фаза на негација– кога родителите имаат фантазии дека детето на магичен начин ќе им биде излекувано, па често пати го носат од лекар на лекар, надевајќи се дека некој од нив ќе ги исполни нивните очекувања. Оваа фаза најчесто е проследена со зборовите: „ова не е можно“, „ова не се случува“…

Фаза на жалење и лутина– кога депресивните чувства и чувствата на вина доминираат. Иако многу од родителите на децата со развојни потешкотии се здрави луѓе, тие имаат чувство на одговорност и вина поради раѓањето на дете со посебни потреби. Самообвинувањата можат да бидат толку интензивни, така што родителите можат да се чувствуваат несреќни до крајот на животот.

Фаза на реорганизација- каде родителите ја прифаќаат реалноста и започнуваат да се однесуваат конструктивно, да бараат стручна помош за подобрување и унапредување на состојбата на нивното дете.

Колку време родителот ќе се задржи во една фаза и колку време ќе му биде потребно да стигне до фазата на реогранизација во голема мера зависи од системите за поддршка кои им се нудат на семејствата. Не се иклучува можноста родителите никогаш да не стигнат до фазата на реорганизација, во тој случај најчесто негираат дека постои било каков проблем во развојот на детето и најчесто наоѓаат многу изговори за да го оправдаат специфичното однесување на нивното дете.

 

Како е во нашата земја?

За жал кај нас не постои систематизирана поддршка за родителите на децата со попреченост. Најчесто сите стручни лица се насочуваме кон детето и скоро секогаш забораваме на најважниот фактор во неговиот развој – неговото семејство. Во едно наше истражување на примерок од 104 испитаници утврдивме дека семејствата со деца со попреченост не располагаат со доволно материјални и нематеријални ресурси за да излезат во пресрет на потребите на нивните деца. Високи 87,07% од  испитаните семејствата се изјасниле дека имаат потреба од дополнителни ресурси. Најчесто секојдневната поддршка си ја пружат родителите меѓу себе и тоа во 34,02%, потоа другите деца во семејството кај 21,74% и на крај бабите и дедовците со неочекувано ниски 18,18% од испитаниците. Кај некои семејства откривме и девијантни однесувања кои се јавиле како резултат на „согорување“ и депресивни промени кај родителите поради константната грижа кон нивното дете со попреченост. Како најчести девијантни однесувања би ги издвоиле алкохолизмот и семејното насилство.

Наша препорака е што поското да се насочиме кон подобрување на системот за поддршка и едукација на родителите на децата со попреченост.  Формирање на активни здруженија на родители кои ќе помогнат во подобрување на квалитетот на животот на детето со попреченост и на семејството како целина.

Доц. д-р Кескинова Ангелка

Институт за семејни студии, Филозофски факултет

Извадок од студентското списание „VOX“

Advertisements
To Top