Семејниот живот и работата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Главните трендови во семејните структури и нивните измени во изминатите децении во европските, а со тоа и во македонските семејства се следниве: стапките на фертилитет се намалија, раѓањето се случува подоцна и почесто надвор од бракот; бракот, исто така, е одложен и почесто е неминовен, и врските – и брачни и вонбрачни – станаа поцврсти. Овие промени доведоа до сé повеќе комплексни семејни соодноси и сé поголема разновидност на семејни форми и односи во текот на животот. Новите семејни трендови и модели се паралелни со промената на родовите улоги, посебно проширувањето на улогата на жената која се вклучува во економско обезбедување на семејството, а во последно време има и трансформација на машката улога со поинтензивна вклученост во семејни обврски, нагласено околу грижата за децата. Навистина, семејството не може да се опише едноставно како збир на добро дефинирани улоги коишто секојдневно се договараат, изградени од интеракции помеѓу партнерите на микро-ниво и под влијание на макро структури во политичката и економската сфера.

Семејниот живот и работата сé повеќе влијаат едни на други, и жените и мажите се залагаат за заработка, како и грижливи активности, често засилени со нестабилност при вработување и несигурност. Родовите односи и сродните вредности и ставови станаа лесно променливи, динамично се менува животниот тек во контекст на преклопување на границите на семејниот и работниот живот.

Рамнотежата меѓу работниот и семејниот живот е нешто што повеќе родители навистина го сакаат. Неодамнешни истражувања откриваат дека многу родители се спремни да направат промени за да можат да работат пофлексибилно, дури и ако тоа влијае на нивната плата, затоа што сметаат дека навистина е важно да се има повеќе слободно време поминато со децата. Како што повеќето жени стануваат вработени, балансирањето на работата со семејните потреби стана главна аспирација на модерните мајки. Кога се појавува нерамнотежа во распределба на времето поминато на работа и времето поминато со семејството, тоа може да резултира со конфликт.

Иако во многу модерни семејства се повеќе се споделуваат родителските должности, жените имаат поголема веројатност да останат невработени заради грижа за децата. Покрај тоа, мајките почесто прават промени во кариерата, се со цел прилагодување кон семејните обврски. Татковците, од друга страна, имаат поголема веројатност да ги променат работните места за подобра плата или други бенефиции, дури и да работат подолго работно време или на две работни места.

Значи, потребно е да владеат односи на рамноправност, почитување, длабока емотивна приврзаност, стабилизирни односи на демократичност во позицијата на поединецот, преку рамноправност на сопружниците, зголемена вработеност и самостојност на жената (иако  тоа може да биде и преоптовареност на жената и во работата и во семејството).

Потребно е општеството да води сметка за фактот дека постојат преоптоварени родители со грижи (економски, психолошки, развојни), па  децата се  препуштени сами на себе, бидејќи е познато дека воспитачките не можат да ги надоместат љубовта, вниманието, грижата, кои децата ги бараат и имаат потреба да ги добијат од родителите.

И на крај мора да напоменам дека нашата држава редовно и системски ги следела и поддржувала движењата и промените во семејното живеење и тоа го остварувала низ решенија во законските акти, преку јавна поддршка на современите тенденции, низ организирање на програми и активности во насока на поддршка и афирмација на автономното и демократско живеење на семејството и неговиот просперитет.

 

Проф. д-р Билјана Тодорова,

Правен факултет, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип