Селмани – Врзете си ги кучињата пред да почнат да касаат


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Вашите кучиња мора да бидат врзани за да не касаат, зашто кога ќе почнат да касаат ќе биде доцна, порача претседателот на ЗНМ, Насер Селмани по заканите што ги добил од функционерот на ДУИ, Беќир Асани.

Врзете си ги кучињата пред да почнат да касаат, побара претседателот на ЗНМ, Насер Селмани од владата по заканите што ги добил од функционерот на ДУИ, Беќир Асани.

„Очигледно вие не правите доволно тој човек да се смири. Затоа ви кажувам: врзете ги кучињата, тоа се ваши кучиња, тие луѓе се дел од вашата коалиција, нема оправдување за ова. Тие луѓе мора да бидат врзани да не касаат, зашто кога ќе касаат ќе биде доцна“, му рече Селмани на министерот задолжен за транспарентност и отчетност Роберт Поповски пред владата.

Стотина новинари денеска излегоа на протест пред владата за да побараат функционирање на правната држава, особено кога се во прашање слободата на говор и физичкиот интегритет на новинарите. Претседателката на новинарскиот синдикат Тамара Чаусидис рече дека бараат полициска заштита за Селмани, јавното обвинителство да постапи по службена должност, а владата да овозможи безбедност за новинарите.

„Бараме да се обезбеди полициска заштита за колегата затоа што станува збор за закани од групација и лице коешто веќе има минат труд во однос на насилство кон новинари и насилство кон оние со кои не се согласува“, рече Чаусидис.

Организаторите велат дека контроверзниот Асани ужива углед на недопирливост и неказнивост, а неговите последни навреди и закани упатени кон Селмани имаат цел да ги заплашат сите новинари.

Претседателот на ЗНМ рече дека не се плашел ни од заканите на претходната влада, па не се плаши ни сега. Ако владата не ги замолчи насилниците, станува соучесник, рече Селмани..

„Сакам да им се обратам на македонските граѓани: Ако сега молчиме, ако јас бидам замолчен, ако моите колеги бидат замолчени, да знаете дека вие сте на ред, дека ќе дојдат утре по вас“, рече Селмани.

На протестот пред владата излегоа и поранешни новинари кои сега работат во владините институции. Сепак, насобраните од владата не бараат осуда и морална поддршка, туку институцинална разрешница на случајот.

На насобраните им се обрати и министерот за транспарентност Роберт Поповски кој го осуди нападот, но топката ја префрли кај обвинителството.

„На сите вас ви е многу добро познато дека владата или владините институции не се единствените коишто треба да си ја завршат својата работа. Мене ми е многу драго што од колегите слушнав дека ги адресираат своите забелешки на други институции, тука пред сè мислам на јавното обвинителство, бидејќи сега е на потег во случајот Селмани, бидејќи МВР си ја заврши својата работа експресно“, рече Поповски.

Беќир Асани беше вклучен во инцидент кога нападнал полицајка кога пајак-возило сакало да го подигне неговиот непрописно паркиран џип пред Трговскиот центар Мавровка. Полицијата подоцна соопшти дека нападот бил само вербален и оти полицајката сама се удрила во пајак-возилото. Селмани на Фејсбук искоментира дека правната држава потклекнала пред еден силеџија, по што почнал да добива закани и навреди.

Новинарите сметаат дека заканите треба да се земат сериозно, затоа што Асани и претходно има учество во напади за коишто не одговарал. Во 2007 година го нападна новинарот Лирим Дулови во Собранието. Во 2008 година, на денот на изборите учествуваше во вооружена престрелка во Чаир во која имаше шестмина ранети, а и тој беше еден од ранетите. Исто така го нападна и претседателот на СМК, Тодор Петров во 2016 година по осветувањето на крстот во Бутел.

Извор: РСЕ
Фото: МОФ