Села со отворено писмо до Пендаровски – го „брецна“ за албанскиот јазик


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Првиот човек на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, му упати писмо директно на актуелниот македонски претседател Стево Пендаровски. Еве ја интегралната верзија од истото, прочитајте што му пиша.

„Ви честитам за вашиот настап на 1 мај на Алсат каде што истакнавте три приоритети за иднината на земјата, имено демократија, интеграција во цивилизацијата и западните институции, и хетерогена Северна Македонија, „каде што секој претставник на која било етничка или верска заедница има подеднакви права со сите, со мене, со тебе, без разлика“.

Со надеж дека ве цитирав правилно, жалам што морам да констатирам дека ние како држава сѐ уште сме далеку од овие вредности и сѐ уште имаме многу работа. Верувам дека и вие го делите истото мислење.

Сепак, тоа што воопшто не можам да се согласам со вас е кога велите дека Северна Македонија треба да се откаже од интеграцијата во Европската унија (ЕУ) доколку Република Бугарија го услови започнувањето на преговорите за членство на земјата во ЕУ, со барањето македонскиот јазик во официјалните документи на ЕУ да биде наведен како „официјален јазик на Република Северна Македонија“.

Не, господине Претседател, граѓаните на оваа земја никогаш нема да се согласат со откажувањето од ЕУ. Постојат многу причини за тоа, вклучувајќи ги и нивните три децении жртвувања и напори и немање друга алтернатива, но пред сѐ затоа што интеграцијата во ЕУ е директно поврзана со вториот приоритет што вие го издвојувате како државен интерес, интеграцијата во цивилизацијата и западните институции, што започна со членството на земјата во НАТО и ќе биде завршено само кога ќе станеме земја членка на ЕУ.

Јас ја разбирам целосно вашата емоционална реакција на бугарското условување на македонскиот јазик, затоа што секој државник и човек во целата земја би бил огорчен како и вие, во случај да му се наруши националниот идентитет. Како и да е, тоа што не можам да го разберам е како, дури и по овој бугарски услов, вие лично и македонскиот политички естаблишмент воопшто, не започнавте ниту најмал одраз на тоа како се чувствуваат Албанците во Северна Македонија каде постојано се нарушува нивниот национален идентитет.

Верувам дека сте запознаени со хиерархијата на човековите потреби според американскиот психолог Абрахам Маслоу. На крајот на оваа хиерархија стојат основните физиолошки потреби како храна, вода и сл. Во средина стојат социјалните потреби, вклучително и безбедноста. Во првите редови се човековите потреби поврзани со личното изразување и потребата да се чувствува подеднакво со сите.

Изгледа, бугарското условување во однос на преквалификацијата на македонскиот јазик со право влијаеше на врвот на хиерархијата на вашите потреби и потребите на македонските граѓани. Затоа изјавивте дека „кога прв пат ја прочитав, се вратив на таа формулација два или три пати. Не можев да верувам дека во 21 век, некој може до оспори нечиј јазик таков каков што со децении го кодира и практикува“.

Да, господине Претседател, има такви случаи во 21 век! И за тоа не мора воопшто да гледате кон Софија. Доволно е да се погледне во својот двор, бидејќи Северна Македонија, државата каде вие сте Претседател, го оспорува истото право на Албанците, дури и на поочигледен начин, редуцирајќи го албанскиот јазик на „ јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и кој е различен од македонскиот јазик “.

Како што знаете, оваа формулација е извлечена од историските анали по Првата светска војна, поточно од Париската мировна конференција, кога под притисок на западните сили, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците беше принудено да потпише договор за малцинствата според кој се предвидуваше отворање училишта на албански јазик – секако на хартија, бидејќи нивната забрана траеше до 1941 година – но тие никако не се согласија да се спомне изразот „албански јазик“. И дали знаете која формулација беше избрана? Слична формулација што денес, значи сто години подоцна, го квалификува албанскиот јазик во Северна Македонија како: „јазикот што е различен од српскиот“.

Во тоа време, српските мотиви беа јасни: бришење и исчезнување на трагите од постоењето на албанската нација на сопствените територии, вклучително и негирање на постоењето на Албанците и нивниот јазик во официјалните документи.

Но денес, господине Претседател, што уште го оправдува негирањето на албанскиот јазик во Северна Македонија? Јас немам како да не се сомневам дека истата логика го мотивира континуираното одбивање од страна на македонската политичка класа дека Уставот на Северна Македонија се однесува на албанскиот јазик по свое име наместо формулациите позајмени од срамното тоталитарно минато.

Овие редови секако нема да бидат новина за вас. Честопати разговаравме за овие теми, но наидовме на глуви уши. Дури и за ова наше барање честопати бевме етикетирани како националисти и разни други епитети.

Новината денес лежи во фактот дека со бугарското условување, дел од политичарите и македонскиот народ разбрале, се надевам дека разбрале, дека барањата на Албанците не се националистички. Ова барање е всушност природно и многу човечко право што има врска со нашиот идентитет како нација.

Затоа, господине Претседател, ние ја споделуваме вашата загриженост и ви кажуваме дека имате право да бидете огорчени од бугарското условување, исто како што Албанците со право се длабоко огорчени од анахронистичкиот и антиевропскиот устав на Република Северна Македонија.

Врз основа на принципот „не прави им го на другите тоа што не сакаш да ти го прават тебе“, се надевам дека заедно со вас и другите македонски политичари со отворен ум, ќе се собереме заедно да го реализираме нашиот европски идеал и да го смениме овој ретрограден устав, за конечно албанскиот јазик да го наречеме албански јазик, напуштајќи ја логиката на еден мрачен период од историјата.

Што се однесува до Република Бугарија, се надевам ќе се најде заеднички јазик со соседната земја во рамките на заедничките комисии за спроведување на Договорот за добрососедство, што треба да биде стимул за членството на Северна Македонија во ЕУ, а не спротивното.

Ние ќе стоиме покрај вас за да ја известиме официјалната Софија дека има два официјални јазика во Северна Македонија и дека нивното кодифицирање и регулирање е наша внатрешна работа, а не нивна“.