Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, изјави дека доколку не бидат реализирани барањата на Платформата на Албанците, тогаш постои можност да се формира и албански парламент во Македонија.
Села за „Телевизија 21“ рече дека ќе влезе во коалиција со СДСМ на Зоран Заев само доколку оваа партија претходно донесе закон за албанскиот јазик, повторно се расправа за Буџетот и ако се продолжи рокот за активноста на СЈО, а потоа „ќе дојде време и за промена на Уставот“.
„Ако не се прифатат овие барања, Албанците ќе ги бојкотираат изборите и ќе формираат свои институции, меѓу кои и албански парламент во Македонија“, рече.
На 7-ми јануари, албанските партии во Македонија објавија дека ја усвоиле заедничката платформа, зад која стојат ДУИ, Движењето БЕСА и Алијансата за Албанците, која ќе биде основа на партиите на Албанците во преговорите за формирање на нова влада, и во која се бара албанскиот јазик да добие статус на официјален, економска рамноправност, со учество на албанските партии да се реши спорот за името со Грција како наводен услов за интеграции во Европската унија и НАТО, но и непристрасна работа на Специјалното јавно обвинителство, и редица други барања, меѓу кои и осуда на „геноцид врз Албанците во Македонија“.
Оваа заедничка декларација дојде десетина дена по средбите во Тирана со албанскиот премиер Еди Рама, и два дена по средбата во Приштина, на покана од косовскиот претседател Хашим Тачи. По овие две средби беше најавено дека челниците на ДУИ, Али Ахмети, на Преродба со БЕСА, Биљал Касани, и на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, ќе излезат со заедничка платформа која ќе биде став за преговорите со големите политички блокови на Македонците, за формирање коалициска влада.
Во изјавата трите партии беше нагласено дека тргнуваат од „слободната и демократска волја на албанските гласачи изразена на предвремените парламентарни избори во Република Македонија, на 11-ти декември, дека се посветени на просперитет и долгорочна стабилност на Македонија и определени, без алтернатива, за интеграција во НАТО и во ЕУ“.
Во писмената изјава беше наведено и дека оваа декларација „која е составена од страна на албанскиот фактор, и е поддржана од страна на албанските партии во Македонија, за која ниту една посебна албанска партија нема посебна заслуга, туку сите се подеднакво заслужни, ја изразува заедничката волја дека која и да е партија која денеси во иднина може да биде дел од власта, да се залага дека со која и да е владина програма со кој и да е македонски партнер овие точки да бидат главен приоритет врз основа на кои ќе се подржи одредена владина програма“.
Истовремено покрај содржината на декларацијата, од Движењето БЕСА, беше потенцирано дека та изјава е во „целосна согласност со нивната платформа насловена ‘Редифинирање’“ и со изборната програма на Движењето БЕСА.
Заедничката изјава на партиите на Албанците (интегрално).
Ние, претставниците на албанските политички партии во Македонија: Демократската унија за интеграција, Коалицијата Преродба со БЕСА и Алијансата за Албанците; почитувајќи ја слободната и демократска волја на албанските гласачи изразена на предвремените парламентарни избори во Република Македонија, на 11-ти декември, во духот на Охридскиот договор, на консензуалната демократија и потребата за исполнување на нормативните обврски кои произлегуваат од уставните измени, реафирмирајќи ги заедничките програмски и стратешки определби на албанците и сите граѓани на Република Македонија, посветени за просперитет и долгорочна стабилност на Македонија, предводени од заедничката посветеност за мир, стабилност, безбедност, меѓуетнички соживот, во духот на еднаквоста и достоинството, во согласност со европските и меѓународните конвенции, верска хармонија и соработка во земјата и регионот и ппределени, без друга алтернатива, за интеграција во НАТО и во Европската унија – Се согласуваме за взаемна поддршка на заедничката политичка агенда која предвидува реализација на следните цели, во идниот владин мандат и/или во секој понатамошен мандат;
1. Постигнување целосна рамноправност во согласност со Охридскиот Договор и Уставот
– Правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на РМ, каде Албанците се сметаат како државотворна нација, поддржување секаква правна и уставна иницијатива која ja зајакнува националната рамноправност за албанското население.
– Постигнување целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”.
– Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.
– Усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912 до 1956 година.
2. Постигнување економска рамноправност и општествената благосостојба, особено преку рамномерен регионален развој
– Создавање нов механизам, во форма на една државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините.
– Создавање министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, како надлежен орган за почитување на правата на заедниците и поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја.
– Остварување правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата.
– Остварување правична застапеност во сите нивоа на централната власт, како и во јавните служби или претпријатија со јавни акции.
3. Зајакнување на владеењето на правото, како предуслов за напредок на евроатлантскиот интегративен процес
– Спроведувањето на реформите во согласност со Договорот во Скопје, Препораките на Прибе, итните препораки на Европската комисија како и Препораките од Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ.
– Поддршка за непристрасно вршење на работата на Специјалниот обвинител, без етнички и политички предрасуди.
– Целосно расчистување на прашањата и судските постапки како „Сопот”, „Бродец”, „Монструм” и „Куманово” преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган.
4. Создавање дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи како суштински елемент за политичка стабилност во земјата
– Преземање на афирмативни мерки за обезбедување финансирање на албанските културни институции на централно и локално ниво.
– Создавање на една централна институција за унапредување на јазиците на заедниците, која ќе обезбеди подготовка на преведувачи, уредници и предавачи.
5. Решавање на спорот со името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право
– Усвојување заедничка и обврзувачка резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија е обврзува активно да се вклучи кон решавањето на спорот со името.
– Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.
6. Добри односи со соседите
– Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Бугарија.
– Соработка со Косово и Албанија за интегрирано гранично управување.
– Отворање на нови гранични премини.
7. Брза интеграција во НАТО и во Европската унија
– Исполнувањето на горенаведените точки ќе го деблокира патот на Македонија кон целосна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската унија.
Исполнувањето на овие цели ќе се следи преку организирање тркалезна маса на албанските парламентарни партии. Тркалезната маса на албанските парламентарни партии ќе се одвива во согласност со принципот на ротација и ќе служи како платформа за усогласување на политичкото дејствување и транспарентна комуникација со меѓународните партнери на Македонија, особено барајќи ја поддршката на Европската Унија и меѓународните институции. Тркалезната маса ќе ги определи роковите за спроведување на горенаведените цели, во согласност со законите и Уставот на Република Македонија.