Секое трето живее во сиромаштија: Во Македонија гладуваат околу 60.000 деца


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Според статистичките податоци, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија, а само едно од 300 сиромашни деца има среќа да оди во градинка додека едно од три деца не го завршува ниту основното образование. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ја обвини претходната влада дека не направила колку што треба за сиромашните деца и ги најави мерките кои ги преземала актуелната гарнитура, пренесува Алсат-М.

За УНИЦЕФ пак, зголемувањето на бројот на деца кои земаат детски додаток не е доволно бидејќи сумата од 55 евра, според нив, не е значително за сиромашно семејство. Претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс рече дека оваа одлука е за поздравување, но исто така ја охрабри владата да обезбеди нови работни места со цел да ги направи независни сиромашните семејства од социјалната нпомош.

„Мислам дека финансиската и социјалната помош не се доволни да се извади едно семејство од сиромаштија, мислам дека треба да се инвестира во образование и во отворање на нови работни места каде ќе се зголеми можноста семејства сами да се борат со сиромаштијата. Тоа што сега е важно е некако да почнеме и да ја подобриме ситуацијата од најниското ниво“, рече Бенџамин Перкс- претставник на УНИЦЕФ.

И Марко Мантованели од Светската Банка рече дека и покрај чекорите кои ги презема владата, повторно бројот на децата кои живеат во сиромаштија е сериозен. Според него и лошата исхрана влијае на менталното и физичко здравје на децата. Овие податоци беа изнесени на конференцијата посветена на сиромаштијата кај децата организирана од УНИЦЕФ, Светската Банка и Министерството за труд и социјална политика.