Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Во Македонија се евидентирани седум нови заразени лица со коронавирусот, со што вкупната бројка на носители на вирусот се искачи на 42 лица.
Министерството за здравство вчера вечерта информираше дека од 38 лица тестирани во изминатото деноноќие, позитивни на вирусот се три лица од Дебар и четири од Скопје.
Состојбата на сите пациенти е стабилна, а двајца од заболените имаат средно изразена пневмонија.
Во моментов, се работат уште 22 теста и за резултатите Министерството ќе информира во текот на утрешниот ден.
Сите дијагностицирани засега се со лесна клиничка слика. Стабилна е состојбата на сите пациенти на Клиниката за инфективни болести, на пациентите во Дебар, како и на пациентката која е на респираторна машина и нема знаци за влошување на нејзината состојба.
Министерот информираше дека се размислува и за промена на стратегијата за тестирање на вирусот. Потенцирајќи ја важноста од раното откривање, Филипче напомена дека покрај скринингот кој во моментов се врши во Дебар, тестови и без покажување на симптоми ќе следуваат и во останатите загрозени региони.
„Целта на масовните скрининзи е да ги уловиме групите луѓе кои можеби и не се свесни дека го имаат вирусот. Тоа не може да се почне нагло, мора да биде со план кој епидемиолозите веќе го работат. Оваа недела може да се почне со Струга и околината поради интензивната комуникација со Дебар. Од понеделник веројатно ќе може да се почне во Скопје”, изјави министерот Филипче.
Вчера вечерта стигна и апелот од македонското МНР, во кој се вели дека македонските граѓани затечени во странство поради ситуацијата со коронавирусот ажурно да се пријават во дипломатско-конзуларните претставништва во земјата каде сте затекнати, или во најблиската амбасада, доколку во таа земја немаме мисија.