Седми самит на болдерашите кај Прилеп: „Крали Марко болдер фестивал“ 2017


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Од утре па се до недела во Прилеп, на локалитетот „Камена Баба“ ќе се одржи 7-миот по ред „Крали Марко болдер фестивал“ во организација на Општина Прилеп и СКК „Златоврв“ од Прилеп. На болдер фестивалот ќе учествуваат 100-тина учесници од повеќе европски држави. Инаку токму поради уникатните карпи од вулканско потекло кои се наоѓаат околу Прилеп, особено на локалитетите „Камена Баба“, „Маркови кули“ и „Трескавец“ и големите напори на локалната самоуправа за развој и промоција на болдерингот, Прилеп стана вистинска хит дестинација за сите качувачи на карпи од целиот свет.

„Овој фестивал е веќе традиционален и е еден од најзначајните меѓународни настани кои се организираат во нашиот град. Оваа година замислата на фестивалот е покрај возрасните групи на качувачи да ги вклучиме и помладите. Така што во сабота ќе има натпревар и за најмладите. Покрај од Македонија качувачи има од Словенија, Австрија, Албанија, Бугарија и други. Приказната околу болдерингот во нашиот град трае, резултатите се очигледни, секоја година се повеќе странските качувачи доаѓаат во Прилеп на овие терени. Годинава натпреварот ќе се одржи на локалитетот „Камена Баба“. Претходните години истиот се одржуваше кај манастирот Трескавец, но годинава поради градежните зафати кои се изведуваат таму решивме натпреварот да биде на овој локалитет во близина на вештачкото езеро“, истакна Ристо Белокапоски, тренер на СКК „Златоврв“ од Прилеп.

Дел од странските гости пристигнаа веќе во Прилеп и потенцираа дека терените се одлични и дека Прилеп има огромен потенцијал за развој на овој спорт.

„Ние сме качувачи од Австрија, како што знаете Австрија има голем потенцијал за качување, но ние одлучивме пред 2 месеци да дојдеме тука откако го гледавме настанот „Petzl Rock Trip“ кој се случи тука во Прилеп во 2014 година. Тука сме дојдени од саботата, ги искачуваме сите сектори на локалитетот „Камена Баба“. Ова се доста добри терени за искачување и има доста добри карпи. Прилеп има огромен потенцијал за развој на овој спорт и има уште многу карпи за искачување кои очекуваат да бидат пронајдени“, Лукас Сајбалд, качувач од Австрија.

Инаку болдерингот е искачување на помали карпи, без никаква опрема и Прилеп е една од 10-те топ дестинации за развој на болдерингот во Европа.

„Сакам да ја напомненам разликата помеѓу болдерингот, спортското качување и алпинизмот. Зборот болдер значи карпа, во болдерингот се искачуваат карпи со висина до 5 метри и тие се искачуваат без никаква опрема. Во спортското качување има веќе дадени насоки со карабинери и се користи целосна опрема тука, додека пак во алпинизмот ние како качувачи сами си ја формираме нашата насока на движење, односно искачување и тука се користи полна опрема. Во 2016 година спортското качување стана олимписки спорт и тоа за прв пат ќе се презентира како такво на олимписките игри во Токио, Јапонија“, рече Сара Пановска, член на СКК „Златоврв“ од Прилеп.

Со болдерингот Прилеп повеќе пати се најде и на страниците на светските медиуми. Британскиот двомесечник „Climber“, француското списание за искачување „Grimper“, списанието „Le Alpi“, кое го издава клубот за алпинизам на Швајцарија и големиот број балкански спортски магазини се само дел од медиумите кои ја пренесуваат болдеринг приказната за Прилеп, која е максимално поддржана од локалната самоуправа.

„Болдерингот е еден од екстремните спортови кои се доста популарни во светот, а Прилеп претставува еден од светските центри за одвивање на вакви меѓународни купови. Со овој меѓународен куп започнува и сезоната на екстремните спортови, а Прилеп постепено се промовира како центар за екстремни спортови за овој дел на Балканот и мислам дека оваа година ќе имаме илјадници посетители за сите овие спортови. Тоа ќе придонесе не само за промоција на Прилеп и Македонија, туку со тоа ќе се придонесе и за развојот на тој алтернативен туризам и развој на локалната економија. Како локална самоуправа ние и понатаму максимално ќе ги поддржуваме сите овие екстремни спортови како што се болдерингот, параглајдингот, планинскиот велосипедизам, ултра планинскиот маратон, мото крос трките и другите екстремни спортови“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Од локалната самоуправа ги поканија сите граѓани овие денови да го посетат теренот на „Камена Баба“ и да го проследат овој натпревар.