Се спрема нов закон со кој ќе се воведат лиценци за ИПАРД консултанти


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Лиценцата која ќе ја издава комората која допрва треба да биде формирана од идните консултанти ќе биде услов за некој да може да биде консултант за ИПАРД, се предвидува со новиот закон кој се спрема во таа насока.

Оваа законска измена има за цел земјоделците и стопанствата кои во последно време покажуваат се поголем интерес за искористување на европските предпристапни фондови да добиваат квалитетни услуги од консултантите и со тоа да се придонесе за подобрување на квалитетот на апликациите. Со оваа новина се очекува да се зголеми и прагот на прифатливи апликации а со тоа и поголемо искористување на ИПРД фондовите за модернизација и осовременување на македонското земјоделство.

Новиот закон за советодавни услуги веќе е во фаза на изготвување и се очекува да биде донесен годинава. Уредувањето на начинот на полагање и добивање на диплома за консултант ќе биде уредено со подзаконските акти односно со правилници.

Земјоделците кои сакаат да аплицираат за ИПАРД со новото законско решение немаат обврска да користат услуги од некој од лиценцираните консултанти бидејќи ќе може и самите да си направат бизнис план или да користат бесплатни услуги од советниците во АПРЗ.

Македонското земјоделство со ИПАРД 1 за 6 години успеа да повлече едвај 16 милиони евра што делумно се должи и на големиот број неквалитетни апликации. Дека можело да се повлечат повеќе европски пари потврдува последниот повик за ИПАРД 2 преку кој се потпишаа договори во вредност од над 18 милиони евра а на располагање за обнова и модернизација на аграрот ни стојат вкупно 80 милиони евра.