Се организира семакедонски протест на 27 февруари


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Македонските заедници во светот по повод годишнината од движењето “За заедничка Македонија”, на 27 февруари 2018 година организираат Семакедонски протест за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата!

Во продолжение ви го пренесуваме целото соопштение:

Семакедонскиот протест ќе започне во 18 часот пред Мисијата на Европската Унија, оттаму протестниот марш ќе се движи по булевар “Свети Климент Охридски” и булевар “Димитрие Чуповски” до Собранието на Република Македонија.

Семакедонскиот протест ќе трае најмногу до 21.00 часот пред Собранието на Република Македонија.

Македонците во светот бараат: (1) безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија; (2) повлекување на Законот за употреба на јазиците; (3) повлекување на Договорот Заев-Борисов; и (4) итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

Барањата ќе бидат доставени до Претседателот, Собранието и Владата на Република Македонија, како и до странските амбасади во Македонија. Доколку Владата не ги прифати барањата, Македонците во светот бараат самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори со обезбедување услови за остварување на избирачкото право во седмата изборна единица, без обврска за упис на избирачкото право на секои парламентарни и претседателски избори.

Македонците во светот отфрлаат референдум, ратификација на меѓународен договор и промена на Уставот со цел промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

Семакедонскиот протест го поддржуваат Светскиот Македонски Конгрес, Движењето “СУМ” Сите за унитарна Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Сојузот на Македонците со исламска религија, Македонски манифест, здруженијата на бранителите и македонските патриотски здруженија.

Светскиот Македонски Конгрес ги повикува Македонците, по потекло и државјанство, на масовно присуство на Семакедонскиот протест на 27 февруари 2018 година!

Светскиот Македонски Конгрес ги повикува здруженијата на Македонците во Републиката и надвор од неа, масовно да се приклучат во поддршката и со присуство на свои членови и симпатизери на Семакедонскиот протест на 27 февруари 2018 година!

Светскиот Македонски Конгрес ги повикува политичките партии во Републиката, масовно да се приклучат во поддршката и со присуство на свои членови и симпатизери на Семакедонскиот протест на 27 февруари 2018 година!

Со сите разлики меѓу нас Македонците, само Македонија е нашиот заеднички именител, само Македонија е нашиот заеднички содржател! Со Македонија не’ има, без Македонија сите ќе исчезнеме!

Сите Македонци еден за друг! На 27 февруари 2018 година сите Македонци за Македонија!