Се менува демографското лице на Европа: Ирска со најголем пораст на население, Босна со најголем пад


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Резултатите од новата анализа која ја направија Австриската академија на науките и Институтот за демографија од Виена фокусирана на движењата на населението во Европа во периодот меѓу 1990 и 2017 година, земајќи ги предвид природниот демографски развој и миграцијата, покажуваат промена во демографското лице на Стариот континент.

Резултатите покажале дека на два спротивставени краја се наоѓаат Ирска со раст од 36 отсто, кој првенствено се должи на природниот демографски развој, и Босна и Херцеговина со најголем пад на населението од 22 проценти, предизвикан од емиграција. И Хрватска е меѓу земјите кои бележат пад бидејќи таму живеат 13 отсто помалку луѓе отколку во 1990 година, пренесува „Јутарњи лист“.

Државите со најголем пораст на населението се Швајцарија, со 26 отсто, главно поради доселувањата, Норвешка со 24 отсто, како резултат на стапката на наталитет и имиграција, Шпанија со 20 отсто, поради имиграцијата, Франција со 18 проценти (помалку имиграција, повеќе наталитет) и Шведска со 17 проценти (главно благодарение на имиграцијата).

Од друга страна, во цела посткомунистичка Европа бројот на население е зголемен само во Словенија и Словачка, и тоа за три проценти. Најлоша е состојбата во Бугарија, Летонија, Литванија, Молдавија, Босна и Херцеговина и Косово, земји во кои по 1990 година, бројот на жители опаднал за повеќе од 20 проценти.

Според оваа анализа на австриските истражувачи, нема никакви показатели дека во догледно време ќе дојде до промена на ваквите трендови.