Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Одделот за убиства на канадската метропола Торонто ја презема истрагата за „сомнителните“ смртни случаи на канадскиот фармацевтски милијардер Бери Шерман и неговата сопруга Хани, објави полицијата во неделата откако откри дека починале од давење, пренесува агенцијата AFP.
„Причината за смртта на двајцата починати била компресија на вратот со јаже. Одделот за убиства во Торонто го презеде водството во оваа истрага на сомнителна смрт“, се вели во соопштението на полицијата во Торонто, по постморталното испитување на телата на 75-годишниот гигант „Apotex“ и неговата 70-годишна сопруга.
Полицијата не даде дополнителни детали за случајот.
Во 11,44 часот во петокот, полицијата одговорила на итен повик од домот на брачната двојка во елитнен кварт во Торонто.
„Околностите на нивната смрт се сомнителни и ние според тоа така постапуваме“, изјави тогаш полицискиот офицер Дејвид Хопкинсон.
Полициските иследници на новинарите пред куќата на брачната двојка им кажале дека немало траги на насилно влегување.
Локалните медиуми го цитираа извор од полицијата, кој вели дека телата на двојката Шерман биле пронајдени како висат од оградата околу базенот, со теорија дека претседателот на „Apotex“ ја убил својата сопруга Хани, го обесил нејзиното тело и потоа се обесил и себеси на работ на базенот. Но, нивното семејство ревносно ја отфрли оваа верзија на настаните.
„Нашите родители имаа ентузијазам за животот и посветеност кон семејството и заедницата што воопшто не се согласува со гласините што за жал циркулираат во медиумите за околностите околу нивната смрт“, се вели во соопштението.
Седумдесет и петгодишниот Бари Шерман, ја основал во 1974 година фармацевтската компанија „Apotex“ којашто вработува 11.000 луѓе и е седмата по големина светски производител на генерички лекови, според податоците од интернет страницата на компанијата.
Магазинот Forbes вредноста на имотот на Шерман ја проценува на 3,2 милијарди американски долари.