Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Групацијата за оружје и опрема при Стопанската комора на Македонија бара заедничка средба со надлежните министерства и институции за усогласување на регулативата со цел поедноставување и унапредување на дејностите поврзани со производство и трговија со оружје, експлозивни и опасни материи, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена.
Бараат, како што истакна претседателот на Групацијата за оружје и опрема при Комората, Димитар Мангутов, поедноставување на постапката за издавање на неопходните дозволи од Министерството за економија и да се декласифицираат информациите за набавка на опрема и оружје од министерствата за внатрешни работи и за одбрана.
Долгорочна стратешка цел ни е враќање на квалитетот на наменското производство во Република Македонија. Во поранешна СФРЈ бевме на трето место по наменското производство на воена опрема. Сите останати напреднаа, а ние заостанавме. Кај нас сега нема наменско производство, туку има само некои мали фирми кои се занимаваат со оваа дејност, рече Мангутов на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека целта им е во земјава повторно да почне наменското производство и потсети дека порано во земјава имало значајни капацитети во кои се произведувало оружје и воена опрема и се вршеле ремонти на воено-технички средства како што се Сувенир-Самоков, Еурокомпозити-Прилеп и МЗТ.
Бараме поефикасно работење на Министерството за економија при издавањето на дозволите за наменските компании, бидејќи зависиме од тоа. Трговијата со оружје и воена техника е една од најрегулираните области во светот и секоја зделка ја пратат низа документи и сертификати. Кај нас тие документи ги издава специјална Комисија на Министерството за економија соствена од членови од повеќе министерства и Царината. Се соочуваме со проблем со месеци да ги очекуваме дозволите и решенијата кои во меѓународни рамки се даваат за 15 дена, рече Мангутов.
Јовица Ѓуричиќ од Групацијата прецизира дека бараат целосно вклучување во тендерите на сите компании од земјава кои се овластени за производство и трговија со оружје, експлозивни и опасни материи, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена.
Во изминатиот период не добивавме барања за набавки. Не бараме некој да ни даде работа, туку да бидеме во нормална конкуренција со сите други и да добиеме шанса за работа. Претходниот министер за одбрана не информираше дека директно се обраќале до странски компании, но и ние претставуваме некои странски компании и имаме депонирано искуство бидејќи работиме по повеќе од 15 години во оваа област, рече Ѓуричиќ.
Најави дека веќе имаат ветување од новата министерка за одбрана дека членките на Групацијата кои ги исполнуваат условите и имаат лиценца ќе добиваат барања за набавка на оружје и опрема.
Бараме максимално да се декласифицираат информациите за набавки, бидејќи се трошат јавни буџетски пари и нема потреба некои набавки да бидат класифицирани со „доверливо“, „строго доверливо“, „воена тајна“. Секаде во светот во сите армии и полиции воена тајна е степенот на обученост, морална подготвеност и операбилност, а не е кој колку оружје и опрема има и колку чини ремонт и модернизација на опрема, рече Ѓуричиќ.
Како фирми, нагласи, секојдневно добиваме од странство барање за набавки од министерства и се јавно достапни и објавени.
Не гледаме зошто кај нас би требало да бидат класифицирани информациите. Тоа само ни прави проблеми кога ќе добиеме класифицирана информација за набавка и треба да се јавиме кај наш странски партнер да бараме понуда. Како да бараме понуда кога не смееме да дадеме информација. Затоа бараме тоа максимално да се упрости и набавките целосно да се декласифицираат, прецизира Ѓуричиќ.
Групацијата, додаде, бара и поголемо вклучување и помош за домашните производители на опрема, воена опрема и вооружување во набавките на домашните министерства.
– Како ние ќе продаваме во странство, ако не продаваме дома. Бараме и во изборот на опрема и оружје главен фактор да не биде цената, туку да има бодување со референци за квалитет и слично. Воедно бараме и достап до фондовите за развој на министерствата за да можеме да користиме средства за развој на нови производи и за почеток на производство, потенцира Ѓуричиќ.