СДСМ ќе инсистира за брзи избори на 14 јуни?


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Според неофицијални информации на кои се повикува „Независен“, на закажаниот лидерски партиски состанок идната недела кај претседателот Стево Пендаровски, првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, наводно ќе настапи со инсистирање за одржување на предвремени избори на 14 јуни.

Овие неколку дена станаа појасни позицициите на двете најголеми партии околу изборите, со тоа што СДСМ веќе отворено соопштуваше дека е за одржување брзи избори, а не да се чека есента и можниот нов бран од епидемијата со Ковид-19, додека ВМРО-ДПМНЕ е резолутно против излегување на гласање во скоро време, дури и на почетокот на летото.

Вчера во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, Заев изјави дека „треба да ја зграбиме првата можност за избори, бидејќи не знаеме кога ќе има втора можност. Светот кажува дека есенва може да има и нов бран“. Минатата недела во интервју за „Независен“ тој изјави дека е „рано да се зборува за избори“.

Што е тоа што предизвикало промена на ставот кај социјалдемократите? Дел од објаснувањето може да се побара во прес-конференцијата на генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски, одржана во саботата, на која што тој рече дека СДСМ е за тоа изборите да се „реализираат во првиот можен рок“ штом ќе се стабилизира епидемијата. Како што дознаваме, изминатиов викенд се одржала координација на регионалните изборни штабови на СДСМ од шесте изборни единици и заклучокот бил дека доколку епидемијата се стави под контрола партијата ќе биде за тоа изборите да се одржат на 14 јуни.

За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ е бетонирано на ставот дека избори во овој момент се неможни, затоа што земјата е под удар на корона вирусот. Нејзиниот претседател, Христијан Мицкоски, и вчера изјави дека „во првите три приоритети на ВМРО-ДПМНЕ не се избори… Ниту јас сакам бидам мандатар, а ниту ВМРО-ДПМНЕ да биде мандатар, а истовремено да ги брои илјадниците заболени од вирусот и десетиците кои ќе ги изгубат своите животи. Избори ќе се случат тогаш кога ќе има услови за фер и демократски избори“.

Епидемилошките стручњаци и министерот за здравство, Венко Филипче, овие денови избегнуваат да одговорат дали би препорачале избори во јуни, велејќи дека уште треба да се прават анализи.

Според толкувањата на СДСМ „новата нормалност“ нужно наложува и нови стандарди во политичкото функционирање, па таму мислат дека би било неодговорно во државата да настане уставна и политичка криза. Минатата недела на таен состанок во НАТО се разговарало за подготовките на алијансата за веројатната втора епидемија на корона вирусот наесен. Стравувањата на социјалдемократите се слични – дека се влегува во опасен ризик изборите да не можат да се одржат ниту во редовниот термин. Тоа, според нив, би било своевидно девастирање на државните институции и крајно неодговорно од политичарите. Во СДСМ мислат дека ДИК има доволно време за подготовка на изборите, иако нејзиниот претседател, Оливер Дерковски, неодамна во интервју за ТВ24 образложуваше дека на комисијата ќе ѝ требаат околу 50 до 60 дена и дека многу изборни дејствија треба да почнат од почеток.

Многу работи би можеле да се променат доколку Уставниот суд утре поведе иницијатива за предлогот на судијата Осман Кадриу за расправа за враќање на распуштениот парламент. Доколку Собранието повторно се состане работите околу изборите ќе станат покомплицирани.

Очигледно, лидерската средба кај Пендаровски нема да биде едноставна, затоа што на маса ќе бидат два предлози – еден за брзи избори: на 14 јуни, а друг изборите воопшто да ги нема на хоризонтот. Прашање е како ќе се постават другите партии, особено ДУИ. Но и да нема одлука тогаш, расплетот на настаните може да почне многу брзо доколку претседателот Пендаровски не ја породолжи вонредната состојба на 16 мај за уште 30 дена. Брзите изборите тогаш може навистина да станат неопходни.

Кон овој став на социјалдемократите оди во прилог и вчерашната одлука во Србија, која ја соопшти претседателот Александар Вучиќ, дека одложените парламентарни избори ќе се одржат на 21 јуни, а дека во Франција вториот круг на локалните изборите веројатно ќе се одржи или на 21 или 28 јуни.