СДСМ го објави огласот преку кој ќе бара претседателски кандидат


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Отворениот повик и оглас за пријавување на кандидати од кои СДСМ ќе треба да го избере својот претседателски кандидат е пуштен во оптек. Рокот за пријавување е до 19 февруари. Конечната одлука ја носи Конгресот на СДСМ, а предлог-кандидатите ги утврдуваат општинските организации.

Истовремено и во опозициската ВМРО-ДПМНЕ тече огласот за прибирање на кандидатури, со тоа што таму ќе се гласа конеќниот претставник непосредно на конвенција на 16 февруари, без индиректни препораки.

Постапката, начинот и критериумите за утврдување на кандидат на СДСМ за Претседател на Република Македонија на Претседателските избори 2019 година, Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија задолжително ги регулира со посебен правилник.

„Кандидатот на СДСМ за Претседател на Република Македонија, треба да е личност со висок општествен углед, способен за извршување на високи државнички функции, да ужива доверба на членството и симпатизерите на СДСМ и да биде личност која на најдобар начин ќе ја оживотворува политиката на СДСМ и ќе работи на реализација на стратешките приоритети на Република Македонија: полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и меѓународна афирмација и промоција на Република Македонија“, се бара во критериумите што се наложуваат од кандидатите.

Конечниот кандидатот на СДСМ за Претседател на Македонија ќе биде утврден на Конгрес кој ќе биде свикан со дополнителна одлука.

Врз основа на роковите предвидени со овој правилник, кандидирањето за Претседател на Република Македонија може да се врши по пат на самокандидирање и на седница на Извршниот одбор на ОО СДСМи на ИО на ГО на СДСМ Скопје во проширен состав.

За таа цел ЦО на СДСМ ќе објави оглас за самокандидирање во еден дневен весник и истиот ќе го објави на веб страната на СДСМ.

Самите општинските организации на СДСМ може да предложат свој кандидат по седниците што ќе ги одржат до 17 февруари.

Конгресот на СДСМ ќе го има последниот збор во утврдувањето на конечниот кандидат.