СДСМ без кандидат за градоначалник во Чаир, ДУИ за град Скопје


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Барем засега двата коалициони партнери СДСМ и ДУИ немаат намера да се судрат во општина Чаир. ДУИ веќе го официјализираше Висар Ганиу кој по долги години ќе добие шанса за локална власт на местото на Изет Меџити, пренесува Фактор.

СДСМ пак, засега за Чаир нема соопштено име за кандидат што значи дека постои голема можност да му дадат поддршка на Ганиу, но се уште не е официјално дали тоа ќе го сторат преку формална коалиција со ДУИ или пак, ќе дадат неформална поддршка.

Гласачкото тело на СДСМ во Чаир кај албанското население драстично порасна на последните парламентарни избори и одењето со свој кандидат може да им ги расипе сметките на ДУИ, па со цел да се сочува владината коалиција таков потег со свој кандидат не се очекува.

Претходно се шпекулираше дека постои можност Мухамед Зекири од СДСМ да се кандидира во Чаир, но таквиот потег би бил опасен за меѓусебната коалиција на централно ниво која сега е многу важно да се одржи што е можно подолго за да се донесат ветените реформи.

ДУИ засега нема кандидат за град Скопје. Тоа секако алудира на индиректна поддршка за СДСМ но, мора да се направи и чекор повеќе со цел нивните гласачи да се мотивираат да излезат на изборите на 15 октомври и да не го дадат својот глас за некоја друга албанска партија. Таквите комбинаторите би биле возможни и со заедничка листа на советници меѓу СДСМ и ДУИ за град Скопје или целосна коалиција со поддршка за Петре Шилегов кој на тој начин би имал зголемени шанси да го победи Коце Трајановски.

ДУИ во скопските општини каде нема мнозинство ќе настапи со заеднички советнички листи со партии од албанскиот блок, но секако Чаир им е клучната општина во која власта е и најслатка бидејќи може да се проектира моќ на локално ниво и да се одбијат „нападите“ на БЕСА како нов силен ривал.