СДСМ, БЕСА и ДУИ ќе поднесат гаранции кај Иванов, Алијанса вели дека немаат работа со него


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


СДСМ заедно со дел партнери од новото парламентарно мнозинство подготвуваат некако вид гаранции, кои ќе му ги достават на претседателот Ѓорге Иванов, потврдуваат од партијата. Од кабинетот на Иванов и во потврдата дека го добил и второто писмо од претседателот на Собранието Талат Џафери, пак, наведоа дека шефот на државата очекувал од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека заедно со коалиционите партнери ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија.

Од СДСМ не откриваат детали какви се тие гаранции што ќе ги однесат кај Иванов, а исто така и не прецизираат кога тоа ќе се случи. Во партиското соопштение пишуваат дека граѓаните, целата домашна јавност и меѓународната заедница отворено и јасно се запознаени со програмата на новата реформска Влада која што ја гарантира унитарноста на Македонија, работа според Уставот и евроатлантски интеграции.

Од парламентарното мнозинство, кое го споменуваат и СДСМ и Иванов, засега повеќето партии се согласни да се потпишат на некој вид гаранции. Пратеникот од ДУИ Артан Груби на прашањето дали ДУИ ќе учествува во давањето гаранции што го најави СДСМ кратко одговори со да.

На истото прашање и пратеникот од Беса, Зекирија Ибраими, исто така потврди дека и тие ќе учествуваат.
Единствено од Алијансата за Албанците велат дека нема да учествуваат во давањето гаранции до Иванов.

Претседателот на СДСМ Заев треба да даде гаранции, бидејќи тој е мандатар. Ние немаме никаква работа со Иванов, вели Арбен Таравари од Алијансата за Албанците.