Сам, болен и заборавен: Легендарниот актер отфрлен и од Холивуд


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Актерот Метју Пери, кој публиката ширум светот го запозна преку ликот на Чендлер Бинг од славната комична серија „Пријатели“, денес полни 50 години.

Последната година медиумските статии за него почесто се пишуваат заради неговиот изглед и проблемите, а помалку заради успехот на малите екрани и големото филмско платно. Папараци фотографи, во јуни минатата година, го „уловија“ Пери, кој заработуваше по еден милион долари од епизода за „Пријатели“, со голема лузна на лицето, неуредни нокти и валкана коса.

Пери, кој четири пати беше номиниран за наградата Emmy, никогаш не криеше дека се бори со депресијата и зависностите, а минатата година три месеци помина во болница поради руптура на цревата.

Став за „Пријатели“

Последниот филм го сними пред дури десет години, додека во серија последен пат се појави во 2017 година. Кога станува збор за серијата која го прослави, истата година објави дека повеќе не би ја снимал.

„Го имам тој ноќен кошмар кој се повторува, не се шегувам. Некогаш имам кошмар дека повторно ја снимаме Пријатели и дека никому не му е гајле за тоа. Снимаме цела серија, се враќаме и никому не му е гајле. Така што, ако ме прашаат, ќе ги одбијам. Работата е во тоа што стигнавме до врвот и тоа не можеме да го надминеме“, изјави тогаш за Vanity Fair.

Во февруари откри дека го исфрлиле од програмата за одвикнување од зависности, но откако обожавателите го опсипаа со пораки, напиша: „Полека луѓе, станува збор за само еден состанок. Се вратив на одвикнувањето, каде што и припаѓам“. Во јуни 2018 на социјалните мрежи напиша дека поминал три месеци во болница. Неговиот портпарол после тоа изјави дека бил на операција поради руптура во системот за варење.

„Благодарен е на грижата и замолува за приватност во текот на оздравувањето“, додаде портпаролот на Метју.

Долгогодишна борба со зависности

Порано не криеше дека во текот на снимањето на „Пријатели“ се борел со алкохолизмот и зависноста од дроги. Ситуацијата се влошила пред 22 години, после една повреда при возење со џет-ски. Лекарите му препишаа силни таблети против болки на кои се навлече.

„Ги земав и се чувствував подобро отколку што сум се чувствувал било кога. Имав големи проблеми со таблетите и алкохолот и не можев да престанам со тоа“, искрено си призна Пери.

Тргна на одвикнување од зависност од Викодин, а во интервјуто кое го даде за Лери Кинг изјави дека на таблетите против болки се навлекол „за да не пие колку што пиел дотогаш“. Четири години подоцна повторно се пријави на програма за одвикнување, овој пат од Викодин, метадон, амфетамин и алкохол.

„Бев во Пријатели од својата 24-та до својата 34-та година. Бев во тој балон на славата. Ние шесмина во тоа време бевме насекаде. Од перспектива на другите делуваше дека имаме сè. За мене тоа беше многу осаменички период, бидејќи се борев со алкохолизмот. Го имав тој проблем и пред Пријатели, но тоа е болест која напредува“, изјави Метју.

Лобираше кај американскиот Конгрес да се обезбедат 45 милиони долари за центри во кои ненасилни зависници би се лекувале од зависности, наместо да се праќаат во затвори. Својот дом во Малибу го претвори во дом за зависници и го нарече „Perry House“, но поради трошоците мораше да го затвори и да го продаде.

После тоа откри дека боледува од акутен панкреатитис, болест од која заболуваат алкохоличарите и наркоманите. Кога во март почина Лук Пери, многумина поради забуна заклучија дека починал Метју, ѕвездата од „Пријатели“. Некои странски портали посочуваат дека Холивуд заборавил на Метју Пери бидејќи тој сега изгледа како реална личност со реални проблеми, а индустријата на соништата не се интересира за такви луѓе.